Сампрас: Федерер е најголемиот

На Вимблдон дојде по пауза од седум години за во живо да го проследи уривањето на својот рекорд
Официјалното влегување во историјата на тенисот на Роже Федерер на лице место го проследи и Американецот Пит Сампрас. Тој не ја пропушти приликата да го пофали својот колега и голем пријател и да го етикетира како најголема тениска легенда што некогаш се појавила. На централниот терен на Вимблдон дојде по пауза од седум години со единствена цел - во живо да го проследи рушењето на неговиот рекорд по бројот на освоерни Гренд слем турнири.
„Критиката знае да каже дека Надал го победи и му зема некои од најголемите титули. Според мене тој и натаму освојува се' што вреди. Во моите очи е најдобар на сите времиња, а се' уште не е ниту блиску до крај на кариерата“, рече Сампрас.
„Добри пријатели сме. Но, настрана тоа. Роже е одличен тенисер и уште подобар човек. Мислам дека може да оди до 17, 18, па дури и 19 гренд слем трофеи доколку и во иднина го заобиколуваат повредите“, истакна Сампрас.
За него не постојат дилеми. Федерер е дефинитивно најголема легенда на белиот спорт.
„Човекот е легенда, икона на овој спорт. Не е лесно да се освојат 15 гренд слем титули. Тоа е голема бројка која бара многу, многу работа“, вели Сампрас.
Досегашниот тениски рекордер кој се' уште има најмногу победина Вимблдон (7), на централниот терен пристигна при резултат 2:1 за Родик во воведниот сет и веднаш го зазема своето место крај легендите како што се Бјрон Борг и Род Лејвер. Четири часа подоцна со уживање ја коментирапе победата на Федерер.
„Одличен човек. Она што најмногу ми се допаѓа кај него е скромноста. Кога го гледате на терен ќе помислите дека не дава се' од себе, но тој во секој момент го прикажува максимумот. Се чини дека на така високо ниво секогаш игра п��илично лесно. Има добар сервис, одличен форхенд, солиден бекхенд. Воглавно тоа е се' што му треба. Секако не треба да се заборави самодовербата“, заврши Сампрас.
Подеднакво расположен во фалењето на Федерер беше и Австралиецот Род Лејвер.
„Неверојатно е да се гледа како удари може да продуцира Федерер од речиси невозможни позиции. Прекрасно е да се следи тенисер со толку голем талент. Противниците ги добива речиси со една рака. Не можам да замислам зошто останатите тенисери не можат да вратат сервис на Иво Карловиќ, а на Федерер дури и тоа му успева. Направи неверојатен потфат, неверојатно е да се освојат 15 гренд слем титули. Тој едноставно е природно надарен и може да даде најмногу кога најмногу му треба“, смета Лејвер.
За разлика од Сампрас, сепак, Лејвер не беше воодушевен да го коментира Федерер како најголем на сите времиња, па вели:
„Тешко е да се прави споредба со тенисери од други времиња. Секогаш сметам дека комплимент е кога некој е најдобар во својата генерација. Затоа и натаму ќе мислам дека било кој тешко може отворено да каже кој е најдобар во историјата на тенисот“.
Пофалби, сепак, не изостанаа и од него.
„Кога го гледате како игра можете да го замислите и со пингпонгарски рекет во рака. Само погледајте ја неговата работа со нозете, погледајте го него, а не топчето, па ќе воочите зошто е толку голем играч и како извлекува неверојатни удари“, заклучи Лејвер. |