Јулија Тимошенко ги надмудри и двајцата Виктори
Се' помоќната Јулија ќе биде главен кандидат за претседател на следните избори
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Премиерката Јулија Тимошенко во вторникот вечерта освои голема политичка победа така што ги надмудри и двајцата Виктори. Покрај противењето на претседателот на Украина Виктор Јушченко, нему блиската Наша Украина повторно влезе во коалиција со блокот на Јулија Тимошенко. Ним им се приклучи блокот на Литвин, бидејќи Владимир Литвин стана претседател на Врховната рада, т.е. на парламентот. Така со еден потег Јулија Тимошенко барем на кратко ги победи и Виктор Јанукович, лидерот на Региони на Украина со кого со денови договараше формирање моќна и стабилна коалиција во парламентот. Сега се поставува прашањето колку долго ќе трае новата коалиција, бидејќи претседателот Виктор Јушченко сака по секоја цена да ја смени претседателката на владата, се' помоќната Јулија Тимошенко, која ќе биде главен кандидат за претседател на државата на следните избори што ќе се одржат во 2010 година.
Тоа дека Јулија е многу попопуларна и помоќна од Виктор Јушченко е доказ и тоа што таа не му дозволи да се одржат вонредни парламентарни избори. Тимошенко спречи Врховната рада да го изгласа законот со кој би се обезбедиле околу 100 милиони долари потребни за новите избори. Јулија Тимошенко доби симпатии кај народот, бидејќи повторуваше: „Сега треба да се спасува државата од економска криза, а не да се губи време за нови вонредни парламентарни избори“.
Професорот Владимир Литвин беше последниот претседател на парламентот во време на завршување на мандатот на претседателот Леонид Кучма, кога беше спроведена и Портокаловата револуција. Тогаш претседателот Кучма го награди со орден „херој на Украина“, бидејќи не дојде до крвопролевање. Литвин во вторникот попладне успеа да ги добие и гласовите на комунистите во парламентот, па тоа му беше доволно да стане нов спикер.
За Украина е добро тоа што во сегашната тешка економска ситуација има парламент. Меѓутоа, се поставува прашањето колку ќе трае новата коалиција. Блиските соработници на Јулија Тимошенко тврдат дека претседателот Виктор Јушченко постојано прави притисок врз лидерите на Наша Украина да бидат против Јулија Тимошенко, неговата главна соперничка. Затоа, коалицијата може да се распадне на првото гласање во парламентот. Колкава е нетрпеливоста на Јушченко кон убавата Јулија покажува и неодамнешната изјава на претседателот: „Би било добро Тимошеко барем еден ден во неделата да ја зборува вистината“.
Што се однесува до односот на Јулија Тимошенко и Виктор Јанукович, наводно, до нивна коалиција не дојде, бидејќи не можеле да се договорат околу „форматот на претседателските избори во 2010 година“. Јулија Тимошенко била против да се менува уставот за новиот претседател да се избира во парламентот, а не на општи избори за што се залагаше Јанукович.
Освен што многу му се намали популарноста кај народот, Виктор Јушченко има уште еден голем проблем во војувањето со Јулија Тимошенко. Додека главен конкурент му беше „проруски ориентираниот Јанукович“, претседателот Виктор Јушченко по автоматизам ја имаше поддршката од Запад. Сега кога ривал му е Јулија Тимошенко, Запад повеќе не сака барем јавно да се меша во нивниот судир. Поради тоа, шансите на Виктор Јушченко на кои било избори, парламентарни или претседателски, се многу мали. За да го врати победничкиот рејтинг, за изборите во 2010 година ќе треба да обезбеди голема сума пари и да организира невидена информативно-пропагандна кампања. Во приказните што ги пласираше опкружувањето на Јушченко дека Јулија Тимошеко е руски шпион никој не поверува, но од сето тоа штета имаше само претседателот на Украина. |