Гувернерот на Илиноис го продавал местото на Обама во Сенатот
Род Благоевиќ беше уапсен поради обид да заработи од испразнетото место на Обама
ЧИКАГО - Американските обвинители го обвинија гувернерот од Илиноис, Род Благоевиќ, дека се обидувал да го продаде местото во Сенатот, што остана празно од новоизбраниот претседател Барак Обама. Благоевиќ, како гувернер, има единствен авторитет да избере наследник на Обама како помлад сенатор од Илиноис.
Иследниците од ФБИ јавија дека според прислушуваните телефонски разговори, тој се обидувал да го продаде или размени местото за лична корист. Обвинителите јавија дека Обама, кој не е близок со Благоевиќ, не бил вовлечен во наводното погрешно работење.
Благоевиќ, кој беше уапсен во вторникот, е ослободен со кауција откако се појавил пред федерален судија и, наводно, планира во текот на денот да се јави на работа. Федералните иследници, кои работат на случај против Благоевиќ неколку години, сега го обвинија за неколку прекршоци, меѓу кои барање поткуп. Обвиненијата се однесуваат на различни шеми на корупција во кои гувернерот бил наводно инволвиран, вклучувајќи и таканаречени договори „пари на рака“ - делење работни места, договори и назначувања во замена за придонеси за кампања.
Обама изјави дека „жали и е воздржан“ околу случајот, но инсистираше дека тој немал контакт со гувернерот околу местото во Сенатот. Како колеги- демократи во седиштето на политиката од Чикаго, двајцата сенатори меѓусебно соработуваа, но тие не се лично блиски и досега нема никакви најави дека нешто што ќе му наштети на новоизбраниот претседател, јавува дописникот на Би-Би-Си од Вашингтон.
Канцеларијата на американскиот јавен обвинител објави писмена изјава на ФБИ на 76 страници, во која детално се изнесени обвиненија против Благоевиќ. Таа опфаќа транскрипти од неговите телефонски разговори, прислушувани со судско одобрение во текот на минатиот месец. Во разговорите, демократскиот гувернер, наводно, го нудел местото на Обама во Сенатот во замена за добивање добро платена позиција во непрофитна организација или група здружена со синдикати, се посочува во писмената изјава. Во транскриптите од 3 ноември Благоевиќ вели дека местото е „вредно и едно��тавно не се дава за ништо“. Еден ден по претседателските избори, според писмената изјава, Благоевиќ бил снимен како изјавува: „Го имам тоа нешто, тоа е златно и едноставно нема да го дадам за ништо“.
Политичарите од Илиноис побараа да се одржат специјални избори за да се пополни празното место на Обама во Сенатот. Благоевиќ, наводно, разговарал да ја постави неговата сопруга Пети во корпоративен одбор. Покрај тоа, тој е обвинет за илегално заканување дека ќе ја блокира државната помош за компанијата која го поседува весникот „Чикаго трибјун“. Благоевиќ, наводно, барал компанијата да разреши членови на уредувачкиот одбор, во замена за финансиска помош во продажбата на спортскиот стадион во Чикаго „Вригли филд“.
Гувернерот беше избран со ветувања дека ќе ја расчисти состојбата по неговиот претходник кој некое време беше под истрага на ФБИ. Неговиот став кон федералните агенти беше дрзок, по некогаш самоуверен, јавуваат дописниците. Дваесет и четири часови пред неговото апсење тој ги предизвикуваше критичарите да го прислушуваат неговиот телефон и канцелариите, очигледно несвесен дека ФБИ го прави токму тоа.
Шефот на кабинетот на гувернерот Џон Харис, исто така, е уапсен. На конференција за печатот Патрик Фицџералд, американски адвокат одговорен за истрагата, ги опиша дејствувањата на Благоевиќ како „корупциска криминална активност“. Тој продолжи дека тврдењата претставуваат „навистина нов низок удар и тажен ден за владата“ во Илиноис. „Однесувањето ќе го натера Линколн да се превртува во гробот“, додаде тој.
Фисцералд учествуваше во неколку прогонувања на високи личности последниве години. Тој го водеше случајот против поранешниот шеф на кабинетот на потпретседателот, Луис Скутер Либи и истрагата за медиумскиот магнат Конрад Блек. Обвинителот, исто така, беше инволвиран во судењето за корупција на претходникот на Благоевиќ на местото гувернер на Илиноис, Џорџ Рајан. Тројца од гувернерите во државата се осудени по обвинение за корупција во последните 35 години. (Би-Би-Си) |