ССМ: Антикризните мерки се задоцнет потег на Владата
Во мерките нема ниту една социјална компонента, а досега се изгубени околу 20.000 работни места Маја Томиќ
Досегашните антикризни мерки на Владата не ги дадоа посакуваните резултати во економијата и во нив воопшто ја нема социјалната компонента, оцени вчера Сојузот на синдикатите на Македонија. Од ССМ потсетија дека уште на почетокот на годинава посочуваа и бараа од Владата да нема прогласување на технолошки вишоци, да не се злоупотребува кризата за да се заменат постарите со помладите, „поевтини“, кадри, да се задржи нивото на платите и да се обезбедат средства за субвенционирање на трошоците за струја. Но, изостанаа таквите мерки во практиката и од лани летото, досега, околу 20.000 работни места се реално изгубени во стопанството. Наспроти тоа, се прикажува намалување на невработеноста. Владата треба да даде вистински приказ и да не се прикажува намалување на невработените, што фактички е резултат на нивно вештачко бришење од евиденцијата од Агенцијата за вработување. Од јули минатата година до јули годинава, според ССМ, од евиденција се избришани 53.000 лица. Доколку не би било така, бројот на невработените во земјава ќе изнесува околу 400.000.
„Ние им даваме поддршка на антикризните мерки на Владата, но со забелешка дека владините реакции се задоцнети. Како социјални партнери имаме морална обврска кон нашите членови, но и кон сите граѓани, заеднички да пронајдеме начини за ублажување на последиците од кризата. Цел на Синдикатот не е само да критикува, туку да соработува со Владата поради побрз излез од економските последици“, изјави на вчерашната прес - конференција портпаролот на ССМ, Милан Живковиќ. Тој нагласи дека ССМ и' дава рок на Владата до крајот на октомври да ги разгледа нивните барања и да закаже средба на која ќе се прецизираат реални, излезни решенија. Доколку тоа не се случи и Владата ги игнорира забелешките на ССМ, Живковиќ предупреди дека ќе се организира протест кон крајот на ноември.
Со цел да се најде излез од кризата, да се ублажат нејзините последици и да заживее македонската економија, ССМ и' предлага на Владата натамошно намалување на трошоците од Буџетот, за што уште има простор. Особено на оние трошоци што се прават за хонорарните надоместоци, потоа за користењето службени телефони и возила, за набавката на мебел и друго. Треба да се задржи, а некаде и да се зголеми обемот на капиталните проекти, смета ССМ, кои се важни за стопанскиот раст, да се поедностави и забрза реализацијата на кредитот од ЕИБ за малите и за средните фирми, да се зголеми обемот на евтини кредити за големите компании, да се воведат бенефиции за граѓаните што имаат кредити кон банките, како, на пример, намалување на каматите или воведување на грејс-период за отплата, а од Владата се бара и донесување на еднократна социјална помош за работниците, кои останале без работа поради кризата или кои немаат земено плата повеќе месеци.
„Отворањето социјални продавници за најзагрозените семејства и субвенциите за струја од 2.000 денари треба да се прошират и за семејствата што имаат само еден вработен член. Треба да се исплатат и ветените средства од 30 евра по работник, за претпријатијата од текстилната индустрија, која се наоѓа во тешка положба“, нагласи Живковиќ.
|