Најбогатите Американци осиромашија -изгубија 300 милијарди долари
Според „Форбс“, богатството на 400 најбогати во САД од 1.570 милијарди долари паднало на 1.270 милијарди Њујорк - Четиристотини најбогати луѓе во САД минатата година изгубиле вкупно 300 милијарди долари од своето нето-богатство како последица на падот на вредноста на акциите и крахот на пазарот на недвижен имот, покажуваат податоците на списанието „Форбс“.
Од списокот на 400 најбогати Американци за оваа година, објавена во најновиот број на „Форбс“, видливо е дека како последица на глобалната криза најголеми загуби претрпел инвеститорот Ворен Бафет, кој само со падот на акциите на неговата компанија „Беркшир хатавеј“ изгубил десет милијарди долари.
На списокот на најбогати и натаму, 16. година по ред, води сопственикот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, со богатство од 50 милијарди долари, што е за седум милијарди помалку од лани.
Најголемиот губитник, Бафет, е втор на списокот, со богатство од 40 милијарди долари, а трет е основачот на „Оракл корпорејшн“, Лоренс Елисон, со 27 милијарди. Елисон е единствен меѓу десетте најбогати, кој не претрпел поголеми загуби поради кризата.
Потоа на списокот следуваат наследниците на „Вол-март“, Кристи Волтон со 21,5 милијарди долари, Џим Волтон со 19,6 милијарди, Елис Волтон со 19,3 милијарди и Робсон Волтон со 19 милијарди. Тука се и медиумскиот магнат и градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, со 17,5 милијарди долари, како и енергетските гиганти Чарлс и Дејвид Кох, секој со имот од 16 милијарди долари. Првите десетмина на списокот, кои ги држат истите позиции како и лани, вкупно изгубиле 40 милијарди долари, односно 14 проценти од своето богатство.
Вкупното богатство на 400 најбогати се намалило за 19 проценти, односно од 1.570 милијарди долари на 1.270 милијарди. Всушност, речиси сите најбогати Американци годинава се посиромашни. Колапсот на берзите на капитал и намалувањето на цените на недвижниот имот го намали богатството на 314 лица од списокот на најбогати во САД, а 32 богаташа веќе не се на овој попис. Инаку, ова е петто намалување на вкупниот имот на списокот на 400 најбогати од 1982 година.
Најголем добитник, пак, е банкарот Ендру Бил, кој тројно го зголеми своето богатство на 4,5 милијарди долари, со евтино купување кредити и имоти од банкарските биланси, кога финансискиот пазар почна да се урива минатата есен.
„Цената“ за влез на списокот на „Форбс 400“ годинава се намали за 350 милиони долари, односно од 1,3 милијарди долари лани на 950 милиони долари.
„Никој нема да плаче за кој било од овие супербогаташи, бидејќи и оние чие богатство се нама��и од две милијарди на сто милиони долари и натаму водат удобен живот“, коментира уредникот на „Форбс“, Метју Милер.
Кога станува збор за компаниите, податоците покажуваат дека во периодот септември 2008 година - март 2009 година, индексот на акциите на 500 најголеми корпорации во САД се намалил за 43 проценти. (Според агенциите)
|