Капело: Две години за ништо
Селекторот на Англија, Фабио Капело, вели дека не се плаши од притисокот пред одлучувачкиот меч со Словенија, иако се зборува за негова оставка по ремито со Алжир.
„Изгледа дека две години работевме за ништо. Не знам зошто и како играчите дојдоа во ваква ситуација“, изјави Капело.
Два бода од првите два меча се далеку од она што го очекуваше англиската јавност. Против Алжир Англичаните го навлекоа на себе навивачкиот бес.
„Не сум среќен, напорно работевме 20 дена и на тренингот се' изгледаше добро. А, на терен излегува сосема поинаку. Не разбирам зошто не го менуваме ритамот на играта за време на натпреварот. Англија навистина е бавна, а на Светското првенство без трка, притисок и борбеност не може да стигнете далеку“, објаснува Капело.
Мечот со Словенија ќе биде англискиот момент на вистината, а Капело знае да се носи со притисокот.
„Доволно сум силен, притисокот не ми е проблем. Ги подготвувам сите поединости и секое утро се гледам во огледало и се прашувам дали сум проучил се што треба. И сум. Затоа сум подготвен да ги прифатам сите критики“, заклучи италијанскиот стручњак. |