Вести од мундијалот
Валдерама: О��ајно Светско првенство Некогашната фудбалска звезда на Колумбија, Карлос Валдерама, се сложува со бројните критичари на играта на Светското првенство во Јужна Африка. Валдерама тврди дека за тоа најмногу се виновни играчите и селекторите.
На адреса на Мундијалот, досега, стигнаа големи критики за неквалитетна игра. Никој не е задоволен од она што го гледа на тревниците, реткост се мечевите какви што се очекуваше, а бројот на критичари е се' поголем.
Во интервју за „Maisfutebol“, Валдерама е шокиран од нивото на фудбал што се прикажува во Јужна Африка.
„Досегашните мечеви на ова СП беа многу лоши, катастрофални. Репрезентациите играат дефанзивно и лошо, нема ниту еден фудбалер што ќе ја разбие монотонијата со нешто“, говори Валдерама и додава:
„Тие едноставно се плашат да не загубат и сите се ориентирани на одбраната. Талентирани и добри играчи не може да видите. Во ваков фудбал за нив едноставно нема простор“.
Рехагел: На Марадона му подготвувам големо изненадување „Аргентина е голем фаворит, но ние веруваме во чудо. Нека внимава Диего Марадона бидејќи му подготвувам г��лемо изненадување“, рече Ото Рехагел пред денешниот дуел на Грција со „гаучосите“ во третото коло во групата Б на СП 2010. Аргентинците го добија двата претходни меча во Јужна Африка и практично осигураа место во осминафиналето, па затоа нивниот селектор, Марадона, ќе одмора некои од фудбалерите против Грција.
„Имаме 23 „зверови“ во тимот, сеедно е кој ќе игра. Веројатно ќе ги одморам Маскерано, Самуел и Тевез“, изјави аргентинскиот кормилар.
Ото Рехагел ја забележа првата победа со Грција во историјата на СП, а сега сака да се пробие и до вториот круг натпревари.
Хицфилд: Ањелка е оправдано истеран „Мене тоа не ми се случило досега. Доколку ми се случи јас ќе се опростам со тој играч“, коментира швајцарскиот селектор, Отмар Хицфилд, по отстранувањето на Николас Ањелка од редовите на француската репрезентација по навредите на сметка на Рајмон Доменех.
„Е.. се, валкан к..... сине“, му рекол Ањелка на Доменех во соблекувалната на полувреме во мечот со Мексико.
Потоа беше истеран дома од Француската фудбалска федерација. Неговото отстранување од тимот предизвика лавина незадоволство меѓу останатите француските репрезентативци кои поради тоа бојкотираа и тренинг.
ФИФА ги брише картоните по четврт-финалето Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) објави дека ќе ги брише жолтите картони по четврт-финалните натпревари на Мундијалот во Јужна Африка. Ваква одлука досега стапуваше во сила по завршување на првата фаза од мечевите на СП, но овојпат картони на фудбалерите ќе се бришат дури во пресрет на полуфиналето. Со тоа се избегнува можноста за играчите, поради втор жолт картон, да пропуштат настап во едно мундијалско финале.
„За време на натпреварување во Јужна Африка жолтите картони ќе се бришат по четврт-финалето“, стои во официјалното соопштение на ФИФА.
Портпаролот на ФИФА се осврна и на можноста Мексико и Уругвај да одиграат нерешено во третото коло во групата А, исход кој и едната и другата репрезентација ги води во осминафиналето.
„Нашиот слоган е фер-плеј. Во целост веруваме дека 32 репрезентации ќе се придржуваат до него“, порача Николас Маињо. |