Европскиот Бразил и далечниот Брег
Бразилците со европска тактика, комбинирана со нивната фантазија, од четири шанси дадоа три гола
Бразил го покажа своето вистинско лице. Она што го очекувавме на ова Светско првенство. А тоа е комбинација од техника, вештина, фантазија во играта, но и рационалност и огромна цврстина во одбраната. Веројатно и само така може да се надигра физички беспрекорно подготвената репрезентација на Брегот на Слонова Коска (3:1). Бразилците со европска тактика од четири шанси даде три гола и со тоа обезбеди пласман во втората фаза, а фудбалерите на Свен Јеран Ериксон се надеваат на теоријата. Ериксон го изгуби мечот на средината. Дрогба беше истурен, а немаше кој да му асистира. Згора на тоа Маикон и Бастос ги уништија бековите на Брегот.
Во првите 20 минути Бразилците не импресионираа и затоа првиот гол дојде по малку изненадувачки. А, беше епилог на фантастичната акција меѓу Фабијано и Кака. Првиот беше стрелец на ефектен гол, а вториот асистент.
Во вторите 45 минути „кариоките“ беа далеку подобри. По само пет минути игра стигна и вториот гол на Фабијано, кој беше нерегуларен. Напаѓачот ��а Севилја најпрво ја запре топката со рака, па ја затресе мрежата. Камерите го регистрираа и разговорот меѓу францускиот судија Стефан Лано и Фабијано. На снимката јасно се гледа како Лано му вели: „Со рака ја запре, зарем не?“, а Фабијано му одговара: „Ма не, ја запрев со рамо“.
Но, по мечот Фабијано ја смени плочата: „Топката случајно ме удри в рака и затоа мислам дека голот е регуларен. Тоа беше божја рака“, во стилот на Марадона одговори Фабијано.
Како и да е, тој гол на Фабијано, со двата погодока стигна веднаш зад водечкиот стрелец напаѓачот на Аргентина, Игуаин, дефинитивно е нерегуларен, а судијата можеби сакаше тој самиот да му признае. Во секој случај погреши.
Тоа не му беше единствената грешка. Не санкционираше неколку крвнички стартови на фудбалерите на Брегот на Слонова Коска над Бразилците, а го исклучи и Кака по холивудскиот пад на Кеита.
Инаку, третиот гол на Бразил го реализираше Елано, исто така, по уште една асистенција на расположениот Кака, кој нема да игра против Португалија во третото коло.
Селекторот Дунга најголемо време му посвети токму на исклучувањето на својата десетка. „Мора да му честитам на играчот на Брегот. Направи прекршок и избегна жолт картон. Треба да се знае што е фудбал, а што не е, и затоа не е в ред кога судијата не казнува одредени ситуации на теренот. Кака неправедно беше исклучен. Игравме подобро од нив, а заслуживме повеќе жолти картони, без да направиме некои посериозни прекршоци. На крајот сум збунет. Што тоа треба да направиме за да добиваме помалку жолти картони?“, се праша Дунга.
Од друга страна селекторот на Бразил, Свен Јеран Ериксон, им порача на Бразилците дека не треба да се жалат. „Слушнав дека Бразилците се жалат поради црвениот картон на Кака. Сметам дека не треба да го прават тоа, бидејќи не е лесно да се прифати дека Фабијано го даде голот по играње со рака. И тоа не еднаш туку два пати. Тој гол не смееше да биде признат. Бразил го доби бесплатно“, смета Ериксон и додава: „Сепак, тоа не ја намалува вредноста на победата на Бразил. Тоа е одлична репрезентација и тешко е да се игра против нив. Мислам дека имаат се' за да станат светски прваци“. |