Убиен шефот на демократите во Арканзас
Бил Гвејтни почина четири часа по ранувањето
ЛИТЛ РОК - Човек кој неодамна останал без работа во средата упадна во штабот на демократите од Арканзас и го уби претседателот на партијата и избега со својот автомобил. Полицијата подоцна, по долгата бркотница низ улиците на градот, го уби осомничениот. Полицијата го идентификува осомничениот како Тимоти Дејл Џонсон (50). Полицијата додаде дека неколку минути по пукотницата, Џонсон го вперил пиштолот кон вработен во Баптистичката црква во Арканзас, која се наоѓа во непосредна близина на штабот. Официјално лице оттаму изјави дека тој му рекол на вработениот: „Останав без работа“. Претседателот Бил Гвејтни почина четири часа по ранувањето. Четириесет и осумгодишниот поранешен сенатор од Арканзас планирал да замине на националната конвенција на демократите што ќе се одржи кон крајот на овој месец како суперделегат. Тој ја поддржуваше Хилари Родам Клинтон, меѓутоа, застана на страната на Обама откако таа се повлече од трката.
Очевидци на настанот изјавија дека вооруженото лице влегло во просториите на партијата малку пред пладне и рекол дека сака да се види со Гвејтни. „Тој рече дека е заинтересиран да волонтира, меѓутоа, тоа очигледно беше лага“, изјави 17-годишниот волонтер Сем Хигинботам. Тој додаде дека кога на осомничениот му била одбиена молбата за средба со Гвејтни, тој ги истуркал вработените и стигнал до кабинетот на претседателот.
Во ноември минатата година, налудничав човек кој со себе носеше нешто слично на бомба, влезе во штабот на Клинтон во Њу Хемпшир и побара да зборува со неа во врска со пристапот до ментална здравствена заштита. Заложничката драма траеше речиси шест часа се' додека тој мирно не се предаде. Конфронтацијата ја доведе во ќор-сокак кампањата на Клинтон само пет недели пред прелиминарните избори во Њу Хемпшир. Од претпазливпст безбедноста околу неа беше зголемена. Таа изјави дека не го познавала осомничениот. (Асошиетед прес)
|