Анархисти го демолираа Торонто
Отворањето на самитот Г-20 маскирани демонстранти го поздравија со насилни протести
ТОРОНТО - Повеќе од 560 лица беа уапсени низ Торонто за време на викендот по насилствата што еруптираа меѓу полицијата за спречување безредија и маскираните демонстранти, додека лидерите на земјите од Г-20 се состанаа зад најсилниот безбедносен кордон во историјата на самитот.
Многумина од уапсените изведуваа мирни протести, но проблеми се појавија во саботата попладне кога група анархисти се издвоија од главните, ненасилни протести организирани од синдикатите и други групи околу Центарот за конвенции на самитот и почнаа со кршење прозорци на банки и на продавници и запалија полициски патролни автомобили во шопинг и финансиски области. Тие ги покрија лицата и користеа канти за отпадоци, палки и цигли за да ги уништат фасадите на „Урбан аутфитерс“, филијала на Шкотската банка и продавницата на „Адидас“. Од снимките на канадската ТВ-станица ЦТВ се гледаше дека тие, исто така, и ограбуваат и им се закануваат на фоторепортерите.
Полицијата беше вооружена со палки, солзавец и гумени куршуми и беа ангажирани голем број полицајци во обидот да се контролира насилството, според новинските извештаи. Портпаролката на полицијата потврди дека полицајците користеле спреј, кој типично се употребува против лица во непосредна близина. Се посочува дека ова е првпат полицијата во Торонто да употреби солзавец против демонстранти.
Четири лица, кои го искористија канализациониот си��тем и стигнаа близу затворената област каде што лидерите присуствуваа на самитот, беа уапсени и полицијата соопшти дека итно ја запечатила канализационата мрежа.
Други 70 лица беа уапсени откако полицијата упадна во кампусот на Универзитетот во Торонто, во центарот на градот. Полицијата соопшти дека запленила оружје, вклучувајќи палки и камења. Избувнаа судири и кога неколку стотина демонстранти се упатија кон привремениот притворен центар за уапсените демонстранти во претходните денови кога имаше протести.
Џеси Розенфелд, независен новинар што пишува за „Гардијан“, беше уапсен и удрен од полицајци, според новинар на Канадската телевизија, кој бил сведок на апсењето.
Безредијата се интензивираа во текот на ноќта кога беа искршени излози и беа оштетени репортажни возила. Полицијата ја одби толпата, уапси индивидуалци и истрела гумени куршуми во напорите да се расчисти паркот, објави новинската агенција Ројтерс.
„Никогаш досега не сме виделе такво ниво на немилосрден криминал, вандализам и деструкција на нашите улици“, изјави началникот на полицијата од Торонто, Бил Блер на конференцијата за печатот. „Има лимити за слобода на говорот и овие лимити навистина завршуваат кога се нарушуваат правата и безбедноста на другите“.
„Ова не е насилство“, изјави еден маскиран демонстрант за весникот „Торонто стар“. „Ова е вандализам против насилните корпорации. Ние не повредуваме никого. (Корпорациите) се оние што ги повредуваат луѓето“.
Постои забележителен бес за некои од тактиките на полицијата. Во снимките емитувани во живо во Торонто, полицаец во полна опрема се гледа како удира невооружен демонстрант неколку пати за време на прекинот на немирите во просторот меѓу демонстрантите и полицијата. Стефан Кристоф, новинар од Монтреал, изјави дека неколкупати бил удрен од страна на полицаец со метална палка обложена со пластика откако извикувал слогани против Г-20.
Стив Паикин, новинар во ТВ Онтарио, изјави дека го видел нападот врз Розенфелд. „Откако бев во придружба оддалечен од демонстрациите видов двајца полицајци како држат новинар. Третиот го удри во стомакот. Човекот колабираше. Потоа третиот полицаец го удри со лакот во грб“.
Полицијата, исто така, беше обвинета за бавен одговор кога почна насилството. Излозите на продавниците не беа заштитени, во подготовките за насилството.
Безбедноста требаше да биде поголема. Канадаски официјални лица проценија дека трошоците за безбедноста на Г-20 и претходниот самит на Г-8 во Хантсвил, Онтарио, ги чинеше 640 милиони фунти за двата центра. Трошоците за безбедноста за самитот на Г-8 во 2008 година во Јапонија изнесуваа 211 милиони фунти, а 30 милиони долари за самитот Г-20 во Лондон во 2009 година. Во трошоците во Канада се вклучени 19.000 полицајци и 1.100 припадници на приватни агенции за обезбедување, кои работат зад триметарската метална ограда околу Метро Торонто Центарот за конвенции.
Големата безбедност предизвика огорченост. Иан Мекдоналд, колумнист во „Торонто стар“, изјави дека градот „изгледал како западен Берлин во 1961, а не Торонто 2010 година“.
Безбол тимот од Торонто, „Блу Џејс“, беше испратен да го одигра натпреварот на друго место, а „ЦН Тауер“ беше затворен поради неговата близина до Центарот за конвенции.
Посебно беше критикувано воведувањето на регулативата со која и' се дозволува на полицијата да запре и претресе секој кој се приближува на пет метри од безбедносната ограда, и да се уапси ако тој не биде идентификуван. Адвокатите се изјаснија дека тоа е непочитување на канадската Повелба за права и слободи, која гарантира слобода на собирање. (Гардијан) |