Мислења
Затворени усти
Слободан Најдовски
Македонија има потреба од инстутиционално организирани групи во кои граѓаните интересовно поврзани без страв ќе ги артикулираат своите проблеми
Една од причините за распаѓањето на претходниот систем кај нас беше и законското оневозможување за организирање доброволни интересни групи и здруженија, покрај предвидените од тогашната единствена партија, во кои граѓаните ќе можат да остваруваат одредени индивидуални интереси, како и да организираат одредени настани на кои ќе го манифестираат незадоволството поврзано со начинот на решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Една од придобивките што требаше да ги донесе плурализмот беше и таа за непречено политичко и интересовно организирање и дејствување на граѓаните. Но, дали е така? Наместо одговор, ќе наведам два настана од Битола од различно време, но на исто место.
Кон крајот на 1980-тите години во тогашното Собрание на Општина Битола за време на одржување седница, во салата влегоа речиси сите вработени во поранешното текстилно кожарско претпријатие „Иднина - Хераклеја“. Незадоволни од решавањето на проблемите со кои се соочуваа и воведувањето на таканаречената принудна управа како еден вид активен стечај, вработените ја прекинаа седницата на општинските собори, кои требаше да изгласаат принудна управа. На никој од тогашните општински делегати не им паднало напамет да ги спречат револтираните работници во искажувањето на своето незадоволство, а камоли да им повикаат „милицајци“, како што тогаш се именуваа припадниците на редот. Доколку во денешно време на практикување власт на преродбеничките демократи, некој што на одреден начин сака да искаже протест за некоја состојба и само да помисли да биде како работниците од „Хераклеја“, ќе се соочи со многу непријатности. Во почетокот ќе биде прогласен за инструмент изманипулиран од предавничката опозиција или кочничар на македонскиот прогрес, потоа соработник на душманите од соседството, а ќе му бидат залепени уште многу други етикети, и на крајот можеби ќе се соочи со пријава од МВР и ќе се најде во судница.
Најдобар пример за тоа се сточарите оштетени од шведската млекарница „Сведмилк“. Наспроти нивните сограѓани, кои пред повеќе од дваесет години непоканети ја прекинаа седницата со која претседаваше тогашниот претседател на општинското собрание, сточарите, според нивните кажувања, иако поканети на разговор од актуелниот градоначалник, иако не прекинаа седница на Општински совет само заради влегување во градоначалничката канцеларија, заработија прекршочни пријави. Македонската јавност беше преокупирана со прашањето за наводната партиска мотивираност и судската постапка против сточарите, наместо со изнаоѓање начин за наплата на побарувањата за даденото млеко. Слична или иста беше и приказната поврзана со т.н. скопска архибригада. Во јавноста не се отвори дебата за забелешките што ги имаа, за архитектонските решенија на плоштадот, туку главниот акцент се стави за тоа кој е виновникот за судирот меѓу двете страни. Со постапките кон организаторите и кон учесниците во посочените настани се прати јасна порака на што треба да бидат подготвени сите оние што во иднина ќе организираат настани што не и' одговараат на актуелната власт. Власта не само што прави обид туку и успева со контраактивности да ги минимизира или целосно да ги спречи и да ги задуши активностите што имаат цел да го свртат вниманието на јавноста за одреден проблем. Дали сме на пат на овој план да се вратиме на ниво дури и полошо од пред две децении.
Се прашуваме ли зошто во нашата држава, освен од политичките партии што имаат цел победа на избори и освојување власт, се' поретко се слушаат реакции на поединци или групи за секојдневни реални проблеми со кои се соочуваат одредени засегнатите групи граѓани, а да не зборуваме за поорганизирани, законски дозволени форми на активности на искажување незадоволство. Македонските синдикати се однесуваат како нашите работници да имаат највисоки плати, регулирано работно време, како никој да не ги експлоатира работниците од чија членарина се финансираат. Гледајќи го однесувањето на студентските лидери како се однесуваат во друштво на владините претставници, ќе добиете впечаток дека од толку што им е добро на нашите студенти, тие само што не полетале.
Деновиве на големо се зборува дека цената по која мелничарите ќе ја откупуваат пченицата од годинешнава реколта ќе биде најмала од кога било досега, а од земјоделските лидери не се слуша ни „с“ од организирана селска буна. Ова се само дел од интересните групи што замреа во артикулацијата и заштитата на интересите на своите членови. Наспроти тоа што тие се претставуваат како репрезенти на огромен број граѓани, впечаток е дека само глумат загриженост за нив на средбите во Владата. Затоа, не само споменатите, туку и многу други слични на нив никако да отворат уста и да го кренат гласот, а се' повеќе се потврдуваат како да имаат цел да бидат логистика на Владата. Никако претставници на одредена интересовна група.
Се разбира дека е потребно за секој проблем да се разговара со надлежните институции и по институционален пат да се решаваат проблемите. Тоа е од заеднички интерес за засегнатите. Затоа постои, на пример, социјалниот дијалог во кој се вклучени Синдикатот, Владата и работодавците или, пак, дијалог меѓу земјоделските производители и надлежните министерства. Но, во Македонија ваквите разговори се' повеќе заличуваат на замајувања на јавноста и одложување на решавање на проблемите.
Иако причините за летаргичноста се повеќеслојни и треба да се бараат на различни места, сепак, најсуштествени се оние што водат во две насоки. Едната насока е стравот од санкции и реваншизам од власта, кој во последно време е се' поприсутен кај граѓаните. Другата, пак, е „успехот“што го постигна власта во придобивањето на лидерствата и воспоставувањето систем на контрола над интерсовните организирани структури. Оттука и активностите за надминување на постојната состојба, пред се', треба да бидат насочени во правец на ослободување на граѓаните од стравот и јакнење на свеста дека решението на кој било проблем најдобро ќе го изнајдат засегнатите граѓани преку свои форми на организирање и дејствување. Не секогаш молчењето е злато. Не може земјоделецот од Пелагонија да биде апатичен и да очекува дека скопските тинејџери ќе се побунат за неорганизираниот откуп на земјоделските производи. Не помалку е значајно е ослободувањето на здруженијата, невладините организации и другите форми на самоорганизирање од партиските стеги. Не е ништо спорно доколку одредени интересовни групи соработуваат со политичките партии и поради блискоста во размислувањата во решавање на проблемите со кои се соочуваат ��о општеството, ќе им дадат поддршка на избори. Но, проблематично и несвојствено е различното однесување на тие групи во зависност од партиската припадност на носителите на власт, а таква моменталната ситуацијата со многу од нив, кои спокојно гледаат отстрана на голем број негативни појави во општеството само да не се замерат со власта.
Македонија има потреба од силни инстутиционално организирани групи во кои граѓаните интересовно поврзани, без страв, ќе ги артикулираат своите проблеми и потреби и низ дозволени форми на активности ќе вршат политички притисок врз власта и ќе бараат начин за нивно решавање. Тоа е корисно за секоја власт и за општеството во целина, бидејќи тие ќе претставуваат коректив на власта и поттик за прогрес.
(Авторот е поранешен пратеник) |