30.08.2012, 17:11 САД ја помага довербата во Македонија кон институциите
Проектот покрај обуките, предвидува донација во опрема, техничка поддршка и стручна експертиза за Академијата за судии и јавни обвинители
Писмо за согласност за спроведување на законите меѓу македонската и американската влада, со кое се воспоставува и обезбедува поддршка во натамошно јакнење на владеењето на правото и зголемување на довербата на јавноста во институциите на правниот систем во Македонија, потпишаа министрите за внатрешни работи и за правда Гордана Јанкулоска и Блерим Беџети, и амбасадорот на САД Пол Волерс.
Овој документ претставува нормативна рамка на проект кој финансиски, институционално и стручно ќе биде поддржан од Америка. „Документот обединува активности и задачи од внатрешните работи и правосудството што треба да се реализираат во наредните две години во справувањето со организираниот криминал и корупцијата“, рече Јанкулоска.
Помошта, како што вели министерката за внатрешни работи, се однесува на проактивни пристапи во фазата на истрага и ефективно кривично гонење, лоцирање на одговорноста на сторителите и нивно казнување, како и унапредување на јавната безбедност и доброто владеење.
САД, како што рече амбасадорот Волерс, силно ги поддржуваат напорите на Македонија за јакнење на владеењето на правото кои, како што рече, ќе ја придвижат Републиката кон стекнување на членство во НАТО и ЕУ, ќе го зголемат бројот на работните места и ќе привлечат повеќе странски инвестиции.
„Полицијата, обвинителите и судиите мора да се подготвени да остварат успех. Тие мора да ги совладаат новите вештини, да ги применуваат новите алатки и да стекнат нови знаења. Законодавецот и останатите избрани службени лица треба да бидат посветени во развојот на правната рамка за усогласување со европските стандарди и меѓународните најдобри практики за обезбедување еднаков пристап до транспарентна и навремена правда“, рече Волерс.
Проектот покрај обуките, предвидува донација во опрема, техничка поддршка и стручна експертиза за Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за правда, Јавното обвинителство, судството, особено за првостепените кривични судови. (П.Р.) |