30.08.2012, 17:30 „Паднала“ придавката македонски пред ракописите

Бугарија понудила изложбата да биде заедничка, со суптилна сугестија дека е можно некогаш да ни го побараат ова богатство
„Македонските средновековни ракописи што ќе бидат изложени во Кралскиот музеј на Мариемонт во Морланвелтс, Белгија, се настанати во средниот век на територијата на Македонија и во нив се изразени јазичните црти на македонската црковнословенска редакција и на македонските дијалекти“, изјавија вчера од Советот за македонски јазик по тврдењата на бугарските политичари и историчари дека овие македонски средновековни ракописи не треба да бидат претставени во Белгија под одредницата македонски.
„Во нашата земја повеќе од половина век постојат низа релевантни институции од науката и од културата што се занимаваат со проучување на средновековните ракописи, кои како првична определба пред себе ја имаат придавката - македонски“, стои во реакцијата на Советот за македонски јазик.
Реакцијата практично е одговор на вчерашната „победа“ објавена од европарламентарецот Андреј Ковачев, според кого белгискиот музеј го сменил името на изложбата и од него отпаднал зборот „македонски“. Според Миле Бошевски, директор на НУБ, која е носител на изложбата, ваквите изјави се фарса бидејќи името на изложбата никогаш не било тоа за што се протестира од Бугарија, туку така била претставена од белгиските медиуми и од музејот. „Во името на изложбата воопшто немаше збор македонски. Таа се вика официјално ’Илјада години писмена традиција во Македонија‘ и ние со музејот имаме потпишан договор за тоа“, изјави Бошевски. Според него, нема шанси да се смени името на изложбата, особено што тројца експерти за богословија ангажирани од музејот престојувале една недела во Македонија за да се договори изложбата и тие научно знаат да проценат што е тоа што ќе биде претставено во Белгија.
Практично, музејот вчера ја смени само најавата на својата веб-страница, па место македонски ракописи, стави древни ракописи од 13 до 19 век. Во текстот, пак, си стои истата содржина во која се наведува, како и претходно, дека станува збор за словенски ракописи од територијата на Македонија од тој период. Наспроти молкот од бугарското МНР и останатите медиуми, агенцијата Фокус вчера посвети дваесетина страници на реакциите за изложбата, во кои најкуриозитетно е барањето на Андреј Ковачев и бугарската страна да биде вклучена во изложбата, т.е. таа да е заедничка и да биде тоа европски пример на заедничко претставување на бугарското културно наследство од територијата на денешна Македонија. Според употребената терминологија дека „моментно“ овие експонати се во нашата држава и дека „за жал“ Бугарија не располага со такви ракописи бидејќи ги уништила влага, или ги изеле инсекти, а се премногу скапи за да се купат, испаѓа дека Македонија во иднина може да очекува и барање да им се вратат назад. Најкуриозитетно е што официјалното име на изложбата им е познато на агенцијата и на политичарите што реагираа, но тоа не им пречи да ја обвинат пак Македонија за крадење на историјата и провокација. Ексамбасадорот во Македонија, Александар Јорданов, дури оцени оти ова било напад врз бугарската душа, па порача - ако бугарските политичари не реагираат на ова, или не се Бугари или не се политичари. Божидар Димитров пак ги изнавреди експертите во музејот, изјавувајќи дека од нив може да се очекува да организираат и изложба на американски ракописи од средниот век. Бугарските институции, сепак, одбраа да молчат на оваа последна какафонија во Софија. (С.Ј.) |