30.08.2012, 16:47 Финиш на трката за градоначалници кај десницата
Изненадени сме што голем број успешни луѓе, кои не се членови на партијата, се пријавија на конкурсот, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ
Горан Адамовски
Ако сакате да станете прв човек на општината во која живеете, а сакате ВМРО-ДПМНЕ да застане зад вашата кандидатура, имате уште еден ден да се пријавите на конкурсот на владејачката партија. Повеќе од два месеца се објавуваат огласите за градоначалници што ги распиша партијата на Никола Груевски. Уште утре, а потоа ќе се сумираат резултатите, ќе се прават интервјуа и сондажи, по што ќе биде објавено со кои играчи ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претстојните локални избори закажани за март в година.
„Имаме голем број пријави во сите општини, а како и секогаш, интересот е особено зголемен последните денови“, тврди Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за партијата било изненадувачки што меѓу пријавените кандидати имало еден куп луѓе авторитетни во својата средина, успешни во своето работење, а кои не се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа само докажува дека луѓето препознаваат оти преку нашата партија можат да ги реализираат своите идеи“, уверува Димовски.
Според процедурата, по истекот на рокот за пријави за градоначалници на 1 септември, партијата ќе формира комисии, чија задача ќе биде да се одберат најквалитетните кадри. Ќе бидат извршени разговори со кандидатите, ќе биде измерен нивниот рејтинг, ќе се прашаат граѓаните какво е нивното мислење за нив...
„Процесот е обемен, но ќе се обидеме во некоја нормална временска рамка да ги избереме нашите кандидати за градоначалници, за граѓаните да имаат доволно време да се запознаат со нивните програми“, вели Димовски.
Без оглед на неутралните имиња што испливале на конкурсот, најголемиот дел од пријавените, сепак, се од партиската структура на ВМРО-ДПМНЕ. Наши извори брифираат дека меѓу нив се и најголемиот дел од актуелните градоначалници, кои бараат поддршка од врвот за нов мандат од гласачите. Според шпекулациите, Коце Трајановски ќе ја предводи битката за Скопје, која де факто ќе го одреди и севкупниот победник на локалните избори. Завршување на контроверзниот проект „Скопје 2014“ е од клучна важност за партијата. Премиерот Никола Груевски веќе индиректно го најави актуелниот градски татко за фикс на ВМРО-ДПМНЕ, пофалувајќи го дека Скопје не е истиот град од пред четири години.
Ако не се случи изненадување, Ивица Коневски ќе оди на втор мандат во Аеродром. Според сондажите, има големи шанси да владее уште четири години со најмладата скопска општина. Неизвесно е во Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров и во Карпош. Наводно, Марјан Ѓорчев бара нов мандат, но прашање е дали ќе го добие, Владимир Тодоровиќ не бил најзагреан да продолжи со политиката, се прават комбинации кој да го направи (не)возможното: да победи во Карпош. „Утрински“ веќе пишуваше за гласиштата дека поранешниот директор на Лотарија и на Зоолошката градина, Дане Кузмановски, би се нафатил доколку противкандидат му биде Стевчо Јакимовски, бидејќи сакал предизвици. Ако актуелниот градоначалник на Карпош учествува во трката за Скопје, тогаш ВМРО-ДПМНЕ во Карпош ќе оди со Сашо Лазаревски, заменик-министер за локална самоуправа.
Довербата на гласачите уште еднаш ќе се обидат да ја освојат првите луѓе на Битола, Владимир Талески, и на Прилеп, Марјан Ристески. По нов мандат ќе одат и актуелните градоначалници на речиси целиот источен регион. |