Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
30.08.2012, 17:17

Портрет - Илијаз Халими: повторно блиску до врвот

Новиот претседател на Централното претседателство на ДПА е ветеран во политиката, но и чиста спротивност на партискиот лидер Мендух Тачи

Александра М. Митевска


Во ДПА тркалото како да се врати на почеток пред неколку дена кога Илијаз Халими, долгогодишен политичар и познат партиски функционер, беше именуван за претседател на Централното претседателство, со што станува и најблизок соработник на лидерот Мендух Тачи. Халими (58) и 11 години помладиот Тачи, можеби не беа најблиски соработници во изминатите години, ама имаат заедничка политичка историја. Во 1997, во еден многу поинаков политички амбиент од денешниот, тие учествуваа во основањето на ДПА, обединувајќи ги нивните две партии НДП и ПДПА во нов политички субјект, кој се наметна како конкуренција на тогаш водечката партија во албанскиот политички блок - умерената ПДП.

На Халими му припадна позицијата што во ДПА досега ја имаше партиската икона Арбен Џафери. Политичкиот габарит на Џафери можеби е недостижен за Халими, меѓутоа познавачите на состојбите во ДПА, велат дека неговиот избор на новата функција не е случаен.

Халими вели дека за него претставува голема чест, но и обврска што е избран за претседател на Централното претседателство. Сепак, тој потенцира дека не треба да се очекува промена во генералните политики на ДПА, бидејќи, како што вели, одлуките не ги носат поединци, туку сите партиските органи, а и тој не е нова личност во ДПА за да зазема нов курс, туку е во партијата од нејзините почетоци.

„ДПА има своја платформа и програма, а во подготвувањето и надградувањето на партиските акти се вклучени многу луѓе“, вели новиот претседател на највисокиот форум на ДПА.

Профилите на Халими и Тачи, како ветерани во политиката, всушност, се многу различни, како што беше случај и со двоецот Џафери - Тачи, кој, сепак, функционираше мошне синхронизирано, и покрај противречните карактерни црти. Овој пат комбинацијата на врвот на ДПА е: сталожениот, комуникативен, но ненаметлив Халими, наспроти маркантниот, но неретко избувлив Тачи. Таков баланс, можеби, и' е потребен на партијата која пред извесно време го сврте политичкиот курс кон долгогодишните политички противници од опозициската левица, дефинитивно раскрстувајќи со имиџот на традиционален сојузник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со Тачи долго се познаваме, одлично соработуваме и добро се разбираме“, коментира Халими.

Тој, всушност, е меѓу оние политичари кои секогаш се блиску до врвот, но не се искачуваат на него. Во изминатите четири години, Халими не беше многу активен на јавна сцена, откако, по предвремените избори во 2008, му заврши мандатот како заменик-министер за одбрана. Сепак, тој цело време е вклучен во раководните структури на ДПА, како потпретседател на партијата, а откако неговата партија, во 2009 година, победи на локалните избори, Халими стана раководител на општинскиот Секторот за јавни дејности (каде што е задолжен за образование и култура) и ја стави во мирување комуникацијата со Скопје. Во годините претходно, пак, беше мошне експониран во политиката на централно ниво, особено како пратеник во неколку мандати и како потпретседател на парламентот во мандатот 1998-2002, за време на владеењето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ - ДПА.

Мошне течно го говори македонскиот јазик, што е малку несвојствено ако се знае дека е роден во Косово (во село Сушиќе), каде што завршил Филозофски факултет, на Универзитетот во Приштина. Халими сега живее во Тетово, каде што и едно време работел како професор во гимназијата.

Во годините на поактивно занимавање со политика, Халими, и покрај умерената надворешност, имаше неколку настапи што, во албанскиот политички блок, го профилираа како „борец за каузата“. Тука би можела да се спомне случката од конфликтната 2001 кога Али Ахмети, тогаш како политички водач на ОНА се појави на прес-конференција во Шипковица, наводно во украдено владино возило, за кое подоцна се утврди дека било службеното „ауди“ во кое се возел Халими како потпретседател на парламентот!? Потоа, за Халими може да се каже дека е иницијатор на употребата на албанскиот јазик во собраниските комисии, а не само на пленарните седници на парламентот. Во мандатот 2002-2008 долго време беше блокирана работата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, бидејќи Халими како нејзин претседат��л инсистираше да ги води седниците на албански јазик, иако тогаш не постоеше деловничка одредба која би го дозволувала тоа... Подоцна, на тоа негово барање се надоврзаа и пратениците на ДУИ...


Статијата е прочитана 999 пати.

Испрати коментар



„Паднала“ придавката македонски пред ракописите
Воениот врв падна во заседа
Груевски
САД ја помага довербата во Македонија кон институциите
Постојат документи кој ја создал ВМРО-ДПМНЕ
Финиш на трката за градоначалници кај десницата

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

 
Што прават денеска
 


Site Meter


Време
Скопје, 22°C

Обилни врнежи

Четврток
Делумно облачно
Макс: 31°C, Мин: 15°C

Петок
Делумно облачно
Макс: 29°C, Мин: 11°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Мурси го враќа Египет на главната сцена
Мохамед Мурси презема стабилни чекори во новата надворешна политика. Многумина се изненадени...
Интелигенцијата веќе не постои во Европа
Интервју, филозоф Андре Глуксман (3) Францускиот филозоф смета дека ситуацијата во Европа е „вонредно вознемирувачка“. В...
Во Лондон се подготвува ретроспективна изложба на предмети на Дејвид Боуви
Комбинезонот на Зиги Стардаст и рачно напишани текстови се меѓу стотици предмети од сувенирите на британскиот музичар...
Таткото на модерниот индивидуализам
Светот годинава ја одбележува 300-годишнината од раѓањето на големиот Жан Жак Русо...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |