05.09.2012, 17:42 Битка за бранителите
Противничките ДУИ и ДПА сложно се спротивставија на законот за бранителите, кој, има поддршка пак, од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Наум Котевски
Ако некому не му беше јасно досега дека поради актуелниот политички контекст законот за бранители поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ освен што ќе донесе некаква корист за жртвите и нивните семејства од конфликтот во 2001 година, ќе претставува и разорен удар за меѓуетничките темели врз кои е изградена оваа држава, по вчерашната мачна дебата во Комисијата за труд и социјала, би требало да му се отворат очите.
На седницата на Комисијата, која прва го разгледуваше законот и која предизвика неверојатна заинтересираност (вака не било никогаш, коментираа службениците во Собранието), албанските политички партии синхронизирано фрлија четка на новата државна слика на која сега освен надворешни црвени линии, ги имаме и реактуализираните внатрешни. Сосема спротивна, да речеме, од пријателската слика што ја наслика Ермира Мехмети од ДУИ, кога за време на паузата гордо им ги покажуваше фотографиите од своето бебе на пратеничките од СДСМ.
„Кој очекуваше дека ДПА децидно ќе не' поддржи во обидот да се спречи овој недемократски, антиалбански закон спротивен на Охридскиот договор. Има нешта за кои може да се дебатира, но некогаш едноставно не може да се поминуваат црвените линии“, се закани Џевад Адеми од ДУИ. Според него, законот е против европска Македонија. „Во декември постои можност да добиеме и датум за преговори со ЕУ, но некому тоа очигледно не му одговара. Секој ден имаме повици од Брисел, за вразумување, немојте да ја прокоцкаме оваа шанса“, предупреди Адеми откако Имер Алиу потенцираше дека „ова е меѓуетничка битка“.
И двајцата практично најавија период во кој Македонија десет години по Рамковниот договор освен за линиите во спорот со Грција, можеби ќе треба да бара помош од меѓународните институции за се' посјајните македонско-албански линии кои очигледно само навидум биле избришани. Адеми категорично кажа дека ДУИ не отстапува од својата намера со сите расположливи законски средства да го спречи донесувањето на овој закон, кој ги исклучува борците на ОНА.
Неофицијално од ДУИ, како дел од претпоставките за распад на коалицијата, поради комплицираните внатрешни односи, контра оние што велат дека владејачката коалиција договорила се' до детали, се слушаат најави и дека во Собранието покрај блокадата на донесувањето на овој закон со илјадници амандмани. А можни се и блокади на сите законски предлози што доаѓаат од Владата, како и целосно парализирање на институциите. Односно секаде каде што ќе биде потребен Бадентер за носење некаква одлука, тој да се примени за да се блокира нејзиното донесување.
И ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на својот став дека сега е вистинско време да се донесе законот. Според претставникот на предлагачите, Веле Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, ова е момент да се погледне вистината в очи и, како што додаде, време за национално помирување.
„Во 2001 година не се случи војна помеѓу Македонците и Албанците, меѓу православните и муслиманите. Во резервниот состав на АРМ имаше и Албанци. Денеска е денот кога треба да го вратиме долгот кон бранителите“, изјави Веле Георгиевски.
Веднаш следуваше напад од ДУИ и ДПА. „Образложение со поголеми будалштини не сум чул досега. Бидете сигурен, албанскиот блок ќе се обедини. Без разлика на партиските определби во Охридскиот договор, не се зборува за екстремистички или парамилитарни групи, како што стои во вашиот закон. Груевски рече дека сте подготвени за се'. Албанците сега ви одговараат како ќе си решите“, рече Зијадин Села од ДПА.
Арбен Лабениште од ДУИ, кој ја цитираше изреката од Наполеон Бонапарта – најголема доблест во политиката е чесноста, смета дека ова е кукавичка постапка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е чесно како го образложувате законот. Ги уништувате темелите на мултиетничката држава, вие сте пристрасни и антиалбански“, вака им се обрати Лабениште на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Радмила Шеќеринска од СДСМ најави дека пратеничката група на СДСМ и другите пратеници од опозицискиот фронт ќе го поддржат законот со кој треба да се реши прашањето на бранителите. Шекеринска смета дека законот не е антиалбански и дека не е спротивен на Охридскиот договор, но потенцираше дека мора да се гледа на актуелниот контекст и да се постави прашањето зошто токму сега се носи законот за кој ВМРО-ДПМНЕ не гласаше во 2008 година, со образложение дека ќе го оптовари буџетот за 300.000 милиони евра.
Во предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ гледа одговор на полагањето цвеќе во Слупчане. ,,Одговорно тврдам дека самиот закон не е закана за меѓунационалните односи, но начинот на кој се однесува владејачката коалиција е опасен. Наместо да оди на панихида на Тодор Александров, барем министерот за труд и социјала требаше да дојде и да објасни зошто доцнат средствата за бранители доделени според актуелниот закон. Груевски и Ахмети во битката за сопствениот рејтинг го запалија оганот што сега треба да го гасне некој друг. И, најверојатно, ќе заврши со пазарење меѓу нив“, оцени Шекеринска, забележувајќи дека на ваква битна седница ВМРО-ДПМНЕ не ги испратил своите првенци, туку членови од вториот ешалон.
Потпретседателката на Собранието, Сузана Салиу, со остар тон и' реплицираше на Шеќеринска: „Како може да велите дека законот не е спротивен на Охридскиот договор. Таму јасно се одредуваат две страни во конфликтот - македонска и албанска. Чувствата ви се еднострани. Зар не загинаа и Албанци, дури и петгодишни деца. Зар некој не жали за нив“, потенцираше растревожено Салиу.
Шеќеринска беше изненадена од реакцијата на Салиу. „Не очекував дека мене ќе ми го кажете ова. Имавте можност да му се обратите на предлагачот на законот. Но, вие чекавте некој друг да каже нешто, па да му реплицирате. Очигледно имате други договори со предлагачот“, рече Шеќеринска.
Инаку, по Комисијата за труд и социјала, законот треба да го разгледаат и комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем. Откако овие комисии ќе ја утврдат потребата од усвојувањето ваков закон, потоа треба да гласаат и пратениците. Во втората фаза истите комисии ќе расправаат ако бидат доставени амандмани, по што законот оди на собраниска седница.
|