Доживотен затвор за серискиот убиец Радески
Судот го прогласи Лазо Радески виновен за убиствата на тројца дилери на девизи
Симон Илиевски
ОХРИД - Првиот сериски убиец во Македонија Лазо Радески, обвинет за убиствата на уличните дилери со девизи Ракип Раим, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, вчера во Основниот суд во Охрид беше осуден на доживотен затвор. Според пресудата што ја објави вчера доцна попладне претседателот на Кривичниот совет, судијката Милка Таневска, тој до правосилноста на пресудата останува во притвор.
Осудениот Лазо Радески, кој вчера не присуствуваше на објавувањето на пресудата, е виновен за убиствата на тројцата препродавачи на девизи. Ракип Раим бил убиен на 28 мај 2006 година во продавницата „Грими“ на Туристичкиот булевар во Охрид. Со тврд предмет, односно со чекан му биле нанесени смртни повреди на главата, а потоа Радески го однел неговото мртво тело и го закопал во планината во близина на селото Оровник кај Охрид. Спиро Ставрески, како што стои во пресудата, бил убиен на 8 февруари 2007 година околу 12 часот, исто така, во продавницата „Грими“ и на сличен начин со удари со чекан, при што му биле нанесени повреди на задниот дел од главата, вратот и лицето. Убиецот Радески го однел телото во близината на селото Лактиње каде што го закопал, а потоа случајно беше пронајдено. Според пресудата, уличниот дилер со девизи Трајче Цоцески бил убиен на 12 април 2008 година меѓу 10,20 часот и 16,35 часот во истата продавница и на сличен начин. Покрај тешките повреди, Радески го искасапил неговото тело и го фрлил во близината на реката Сатеска на патот кон Струга каде што го пронашол случаен минувач. Трите убиства биле извршени на подмолен и свиреп начин, односно убиецот не дозволил убиените да го видат, бидејќи се докажало дека сите се убивани од задниот дел на главата.
Застапниците на оштетените семејства на тројцата убиени изјавија дека пресудата е правична, но не беа задоволни од одлуката на судот отштетните побарувања да ги бараат во граѓанска постапка. Застапникот на оштетените од семејството на Ракип Раим, адвокатот Драган Корвешовски, рече дека во нов процес треба да се утврди дали Радески имал соучесник при извршувањето на злосторствата. Објасни дека одбраната на Радески повеќепати во текот на процесот споменуваше несовпаѓање на некои од доказите и отворање сомнеж за соучесништво. Тој рече дека полицијата со нови докази може да ја реши оваа непознатост во интерес на правдата и семејствата на убиените. Бранителот на серискиот убиец Лазо Радески, адвокатот Емил Балабан, кој го бранеше по службена должност, најави жалба на пресудата. (С.И.) |