Четирикратниот убиец се' уште се бори за живот
Семејството на Раиф Качар чека одобрение од чешката амбасада за да го посети ранетиот
Горан Адамовски
Македонскиот државјанин Раиф Качар (42), кој во неделата во Чешка ја уби невенчаната сопруга Влатка (25), нејзиниот пријател и родителите и натаму се бори за живот, откако по злосторството со пиштол си стрелаше во главата. Како што пишуваат чешките медиуми, покрај неговата болничка соба дежураат припадници на полицијата. Во посета во болницата во Острава пристигнаа неговиот чичко, кој живее во Унгарија. Чешката амбасада во Скопје се' уште не им издава виза на братот и на внуците на Раиф, кои живеат во скопското село Долно Коњаре.
„Не можеме да тргнеме, бидејќи се' уште чекаме да добиеме визи во амбасадата на Чешка во Скопје, кои чекаат одговор од Прага. Покрај тоа, немаме никакви информации од болницата за неговата здравствена состојба. Единствено дедо ми, односно чичко му на Раиф е во Чешка и последно што ни кажа е дека вујко ми е во кома“, вели Џенита Качар, внука на Раиф.
И по три дена, ова злосторство е тема број еден за чешките медиум. Како што пишуваат, суровото убиство било планирано долго време. Наводно, Раиф никако не можел да се помири дека Влатка го напуштила и дека поради тоа, неколку пати и' се заканувал и ја малтретирал.
„Влатка неколку пати го имаше напуштено Качар, а тој постојано го кршеше ветувањето дека нема повеќе да ја малтретира“, пишуваат чешките медиуми. Според нив, Македонецот со босанско потекло страдал од болна љубомора.
„Дури и човекот што го уби, а за кого сметаше дека и' бил љубовник на Влатка, настрада по грешка. Тој и' беше добар пријател, кој и' помагаше во оваа тешка ситуација. Влатка ми повторуваше дека сега не е подготвена за нова врска“, изјавил за чешките медиуми, семејниот пријател Франтишек Димал. Според информации��е објавени во весниците во Прага, Влатка минатата година побегнала од Раиф и заминала во Лондон, а кога се вратила, го исчистила станот од работите на својот невенчан сопруг.
„Точно е дека беше во Лондон, но во посета на својот единствен брат, а не бидејќи побегнала од вујко ми. Не е точно дека тој ја малтретирал. Јас бев со Влатка многу блиска, постојано си пишувавме пораки и никогаш се немаше пожалено. Напротив, постојано ни кажуваше дека би сакала да дојде во Македонија. Сите ние многу ја сакавме“, вели Џенита Качар.
Раиф Качар бил женет и разведен во Унгарија. Со екссопругата имал три деца: двајца синови и една ќерка, кои редовно ги посетувал.
„Влатка знаеше за нив. Кога и' велевме да роди уште едно дете, таа ќе ни одговореше дека и' се доста четири деца, сметајќи на трите деца на Раиф од претходниот брак“, тврди Џенита. Раиф во Чешка живеел дваесетина години. Развил добар бизнис, поседувал чешки пасош, а шест години живеел во невенчан брак со Влатка, со која имал двегодишна ќерка. Во неделата наутро влегол во кафеаната, во која Влатка го прославувала 25., а нејзиниот татко 50. роденден и со пиштол, што го поседувал без дозвола, ја убил сопругата, нејзиниот пријател и двајцата родители. Според блиските на Раиф, тој никако не можел да се помири што сопругата фатила љубовник. Двегодишната Николка сега живее со прабабата, односно бабата на Влатка.
|