Пратеник давал „службени податоци“ на медиумите
Пратеникот на Конзервативната партија Демиан Грин бил уапсен па пуштен со кауција
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Пратеникот на британската Конзервативна партија, Демиан Грин, е уапсен од полицијата затоа што предавал „службени податоци“ на Министерството за внатрешни работи и од владејачките лабуристи, на домашните медиуми. Во операцијата, која се означува како случај без преседан во британската демократска практика, Грин е уапсен во својот дом во Кент, од каде што потоа е префрлен во една лондонска полициска станица и повеќе од девет часа е задржан во притвор. Полицијата во меѓувреме изврши претрес на неговиот дом и на службената канцеларија, каде што ториевскиот пратеник се среќава со своите гласачи, но подоцна е ослободен со кауција, без против него да се подигне какво било обвинување, освен што е побарано да се јави на ново сослушување во текот на февруари, следната година. Веднаш по ослободувањето од притворот, Грин изјави дека е „мошне изненаден и збунет од апсењето“, за сомничење дека сторил нешто лошо и противзаконско, отфрлајќи ги како неточни и невистинити таквите тврдења на полицијата. Според неговото објаснување, тоа за што го товарат, всушност, е дел од неговата работа како пратеник.
„Повеќепати досега имам предупредувано дека владата сака да крие и чува во тајност работи што британската јавност има право да ги знае“, вели пратеникот на ториевците. Грин инсистира на тоа дека во една демократија, опозиционите политичари се должни да бараат од владата да поднесува сметка за своето работење, па вели дека тоа што го правел досега, за што сега е уапсен, ќе го прави и понатаму.
Демиан Грин е висок функционер на опозиционите ториевци кој во владата во сенка на Конзервативната партија е задолжен за имиграцијата. Најголемиот дел од „службените податоци“ што полицијата тврди дека им ги пренесувал на медиумите во Лондон, (а според нив не смеел), се однесуваат токму на оваа проблематика, па оттаму и неговото тврдење дека не сторил ништо незаконско, опасно и штетно за државните интереси на Британија.
Неговото апсење, како што се дознава, се врзува за случајот со претходно притворениот службени�� на Министерството за внатрешни работи, кого Хоум офисот го има означено како „тастерот“ што ги предавал податоците надвор од владината институција каде што бил вработен. Но, ако тој ја прекршил внатрешната работна дисциплина, пратеникот Грин не сторил ништо за што би требало да се интересира полицијата, освен да го третира како сведок, за што, пак, немало потреба, како што се вели во Лондон, од театрално апсење, приведување до полициска станица дури во главниот град и толку долго испрашување. За сето тоа, можело со него да разговараат било во службената канцеларија на пратеникот, било во просториите на партијата, гневно коментираат ториевските пратеници.
Се смета дека во основата на „предавството“ на службеникот, а и на Грин, се содржани четири теми што излегле од Хоум офисот. Првата е откритието дека пет илјади илегални имигранти се наградени со правото да останат во Британија, потоа сознанието дека еден илегалец - имигрант работи како чистач во Долниот дом на парламентот, како и информациите за тоа колку лабуристички пратеници ќе гласаат против сопствената влада за предлог- законот за продолжување на притворот за осомничени за тероризам до 42 дена. Конечно, за „тајното писмо“ што министерката за внатрешни работи, Жаки Смит, му ги има испратено на премиерот Гордон Браун дека рецесијата во земјата ќе придонесе за зголемување на криминалот.
Ако ова навистина се единствените „службено важни податоци“, што владата не сакала да ги разбере јавноста, затоа што тие се незгодни за неа, тогаш полицијата има навистина направено тешка грешка, сметаат правни експерти. Станува збор за податоци и сознанија кои не се и не може да бидат означени како службена тајна, затоа што тоа се работи од јавен интерес и Британците за нив треба да знаат. Впрочем, сите тие, изминатите месеци се појавија во медиумите и предизвикаа бурни реакции, но бранот од гневот на јавноста, околу лошото менаџирање на владата со имиграционата политика и неискреноста околу мерките да се намали бројот на странците, помина и тој сега речиси е целосно загубен во стравот на обичните луѓе од економската криза, од рецесијата што се заканува и од можноста луѓето да останат без работа, како и без своите домови, ако не можат да ги отплаќаат кредитите.
Британските ториевци реагираа како што се очекуваше бурно на апсењето. Лидерот Дејвид Камерон побара истрага, расправа во парламентот и објаснување дали владата, премиерот и шефот на Хоум офисот знаеле за апсењето на еден опозиционен пратеник.
„Незамислива е постапката на британската полиција, да уапси пратеник што објавувал релевантни за јавноста податоци“, изјави Џорџ Озборн, еден од највисоките функционери во партијата. Дејвид Дејвис, противкандидат на Камерон во трката за лидерска позиција, пак, вели дека пратениците добиваат мноштво многу важни и доверливи податоци кои не завршуваат во медиумите затоа што се оценува дека тие може да и наштетат на државата, но вели дека состојбите околу имиграцијата се работи што Британците мора да ги знаат. Во Лондон велат дека полициска операција против толку висок опозиционен функционер не можела да се изведе без знаење и одобрување „од горе“. Даунинг стрит 10, меѓутоа, веднаш ги отфрли обвинувањата за тоа дека премиерот знаел било што, пред да биде известен за апсењето. Владата замина уште еднаш на седница надвор од Лондон, овојпат во Лидс, а портпаролот на премиерот одби да ги коментира настаните, правдајќи се дека станува збор за полициска работа. Министерката за внатрешни Жаки Смит, исто така, се брани дека не била информирана што планира полицијата, иако таа смета дека интервенцијата секако се засновува на потребата да се расчистат работите во случајот.
|