Заткулисни комбинации пред утрешните парламентарни избори во Романија
Не се очекува победник во првиот круг, а се шпекулира за формирање постизборна коалиција
Дан Алексе Дописничко биро на ВАЦ
БРИСЕЛ - Во Романија, втората најголема земја меѓу новите членки на ЕУ со 22 милиони жители, в недела, 30 ноември, ќе се одржат избори. Тоа ќе биде првпат парламентарните избори да не коинцидираат со оние за претседател. Се' досега тие секогаш се одржуваа во исто време, што им овозможуваше на партиите да извлечат корист од кампањата на харизматичните лидери што тие ги промовираа како претседателски кандидати.
Членка на ЕУ од јануари 2007 година, кога беше примена заедно со Бугарија, Романија се наоѓа под надзор од страна на Европската комисија, и двете земји се' уште се погодени од корупција и покажуваат незадоволителни резултати во борбата против организираниот криминал. Од нејзиниот влез во ЕУ, Романија, исто така, е жртва на перманентни политички заткулисни борби кои резултираат со ривалство меѓу нејзиниот многу популарен претседател Трајан Басеску и премиерот Калин Попеску -Таричеану. Таричеану е на чело на малцинската влада формирана од неговата Национално-либерална партија (ПНЛ) заедно со Демократската унија на Унгарците (УДМР), уште од минатата година.
Бидејќи сите анкети покажуваат дека нема да има победник во првиот круг, деновиве наголемо се шпекулира за формирање постизборна коалиција. Социјалистите (Социјалдемократската партија, поранешни комунисти) на Јон Илиеску, кој во два наврати беше претседател, неодамна напредуваа, иако внатрешните несогласувања го забавија прогресот на партијата кон нов углед. Малку се знае за заткулисните преговори меѓу партиите. Засега можно е формирање на секаква коалиција. Една голема промена би била предвидливиот изборен пораз на екстремно десничарската партија Романија Маре (Голема Романија) на Корнелиу Вадим Тудор. Оваа ад-хок политичка формација создадена околу централната личност Вадим Тудор секогаш беше џокер на претходните избори. Може да се предвиди неуспехот на Романија Маре, по сличниот развој на настаните во Полска, по приемот на оваа земја во ЕУ. И во Полска националистичката партија Самооброна на Анджеј Лепер загуби на ��зборите што се одржаа по влезот на земјата во ЕУ. Како Самооброна во Полска, главната порака на Романија Маре пред приемот беше дека Европа ќе го уништи животот на романските селани и работници и дека земјоделската политика на Унијата ќе го разори селото во Романија. Овие апокалиптични предвидувања не се исполнија и повеќето од селаните денес сметаат дека имаа корист од ЕУ.
Иако населението во голема мера е европски расположено, Романија себеси се промовираше како сојузник на САД, одвреме-навреме замижувајќи пред својот нов идентитет како земја-членка на ЕУ. Претседателот Трајан Басеску е запаметен по тоа што вети, кога дојде на власт во 2005 година, дека би сакал да ја создаде „оската Вашингтон-Лондон-Букурешт“. Романија испрати полк од 500 војници во Авганистан кои се борат на југ од земјата, заедно со американските сили во регионот Кандахар, надвор од структурите на НАТО. Откако е во ЕУ, Романија главно е добар ученик, ги следи главните текови на заедничката политика на Унијата, вклучувајќи ја тука и ратификацијата на Лисабонскиот договор. Единственото несогласување со повеќето членки на ЕУ беше одбивањето на Романија да ја признае независноста на Косово, но истото го направија и Шпанија, Грција, Кипар и Словачка.
Кога станува збор за правото да се работи во странство, Романците заедно со Бугарите се' уште се предмет на ограничувања во повеќето постари земји-членки на ЕУ, ограничувања кои во случајот со Германија и Австрија би можеле да бидат зајакнати до 2011 година. |