Патрик не сака во Формула 1

Првата жена што победила во трка од Индикар ја смета Ф1 за непријателска средина
Индикар-возачката Даница Патрик откри дека најверојатно никогаш нема да се натпреварува во Формула 1 поради „непријателската атмосфера“. Првата жена што победила во трка во Индикар во минатото се поврзуваше со преселба во Ф1, но 28-годишната Патрик вели дека се оладила за овој спорт поради честите студени тонови што допираат од падокот.
„Нешто што ми е многу важно е забавата“, изјави Патрик за „Сандеј тајмс“. „Мислам дека опкружувањето во Формула 1 е помалку пријателско од американските трки. Во Ф1, едноставно, не можете да видите возачите што ’висат‘ наоколу. Возачите од типот на Такума Сато, кој брзо ја напушти Ф1, велат дека сите се прекрасни тука. И, навистина, сите се толку смирени, релаксирани и пријателски расположени“.
И покрај тригодишниот престој во Велика Британија, каде што се натпреваруваше во шампионатите на Формула Воксол и на Формула Форд, Патрик инсистира дека тоа било искуство во кое ниту уживала ниту би сакала да го повтори.
„Кога станав станав доволно возрасна за да се тркам со автомобили, отидов на повисоко ниво. Ми беше кажано дека ќе научам повеќе во една година помината во Велика Британија отколку во пет години во САД“, објаснува таа. „Во Британија се' уште владееше старата школа. Жените и понатаму готвеа и чистеа. Женското движење се случи малку побрзо овде во САД. Се сеќавам дека еден ден бев најбрза на тренингот и еден од сопствениците на тимот за кој возев не можеше да поверува. На машките возачи тој им се обрати во стилот: ’Таа е најбрза? Што правите вие? Губете се од тука‘. Нему не му беше ОК тоа што мажите понекогаш беа побавни од една жена“. (Сандеј тајмс) |