Ништо од Интер, Михајловиќ се договори со Фиорентина

Вистинска лудница владее во Серија А, барем кога се во прашање тренерите. Многу клубови, пред се', оние од самиот врв, се во потрага по ново тренерско решение. Нов стратег бараат Интер, Милан, Сампдорија, Фиорентина и многу други. Во Фиренца, очигледно, се подготвени за губење на Чезаре Прандели, кој е се' поблиску до прифаќање на позицијата селектор на Италија, местото што ќе остане празно по завршувањето на Светското првенство во Јужна Африка, за кога заминување најави Марчело Липи.
Досега како можно решение за „виолетовите“ се споменуваше Карлос Дунга, селекторот на Бразил, кој, исто така, си оди по СП.
Но, италијанските медиуми пишуваат дека челниците на Фиорентина последниве денови разговорале со 41-годишниот Синиша Михајловиќ, кој по завршувањето на сезоната ја напушти Катанија. Михајловиќ се споменуваше и како можно решение за Интер и Сампдорија, но медиумите тврдат дека тој веќе и кажал „да“ на Фиорентина. Наводно, на 1 јуни Фиорентина и официјално ќе ја објави веста дека српскиот стручњак ја презема нејзината клупа.
Претседателот на Интер, Масимо Морати, не сакаше да ги коментира ваквите написи. „Уште траат преговорите со Мурињо околу отштетата што треба да ја добиеме. Мурињо оствари се' што посакавме, но делот кој нервира е болното пронаоѓање на нов тренер. Ни следи вистинско малтретирање. Она што е сосема сигурно, е дека нема да ви ги кажам сега имињата“, изјави Морати. Тој не сака да шпекулира, но на новинарите тоа им е работа. Тие сега во прв план го ставаат Рој Хоџсон, а малку потивко го најавуваат Рафаел Бенитез. |