Мислења
Неистомисленици
Филип Петровски
Агресивноста станува се' поизразена и се' повеќе ќе му пречи на заинтересираниот гласач да донесе одлука како да гласа
Како што наближуваат изборите, партиите и заинтересираните се' повеќе се расположени за плукање и напаѓање на неистомислениците, и тоа по секоја цена. Се разбира, една и единствена цел е да се освои локалната власт и да се протурка сопствениот кандидат. За мене не е спорна амбицијата да се поседува власта, оти како таква ја разбираат сите што ја практикуваат, како цел сама по себе. Спорно ми е што не се избираат средства и што сите декларации и манифестации на добра волја се забораваат веднаш по заминувањето на новинарите. Во тој процес на „демократско размислување“, секој што има поинакво мислење се оцрнува до степен кога и на некој што не е заинтересиран преку засиленото „перење на мозок“ му е вметнат „код“ како треба да размислува. Значи, агресивното напаѓање станува се' поизразено и се' повеќе ќе му пречи на заинтересираниот гласач да донесе одлука како да гласа, која ќе биде само негова.
Сите поддржувачи на ваквото однесување како безбедна зона ги имаат своите партии и таборите во кои добиваат наклон за нивната „партиска“ заслуга со плукањето и омаловажувањето на другите. И за ова партиите беа предупредени од меѓународните претставници, дека треба да се поправи поведението во текот на кампањата, односно да се достигне и да се остане на нивото на цивилизирана кампања. Да не се разбереме погрешно, не сметам дека за се' што правиме треба некој однадвор да ни кажува како да го правиме, под диктат. Меѓутоа, во случајов станува збор за претставници од држави и институции кон кои сме се упатиле (НАТО и ЕУ). Кон едните за да се ја осигураме безбедноста, а кон другите за да осигураме просперитет и развој. Тоа се држави со докажано и проверено демократско искуство, каде што сите проблеми на демократијата се почувствувани и совладувани со интелектуални напори низ времето. Всушност, со вековното искуство и надминувањето на проблемите тие се совршен извор за преземање на тоа искуство, за да не се повторуваат без потреба истите грешки. А, самото полесно усвојување на тие искуства би ни овозможило да скокнеме децении и побрзо да стигнеме таму каде што сте тргнале. Ете затоа, поради нашите декларирани амбиции да бидеме дел од семејството на држави кои се демократски и здружени заради колективна одбрана, сме изложени на притисок од тие држави. Не дека и кај нив се' е идеално, но барем теоретските претпоставки се тука. И практиката е тука. Одвреме-навреме и во некои од западните држави се слушаат гласови дека демократијата е уназадена, узурпирана или нападната. За истовремено да се слушне дека на тоа му се спротивставува јавното мислење и интелектуалната фела. Староста и зрелоста на тие демократии е толкава што е самоизграден еден механизам за заштита на вредностите. Таму многу поединци и организации се подготвени да се борат за да ги зачуваат тие вредности по секоја цена. Затоа, денес не е познат посовршен систем на управување со државата од демократијата. Тука некаде е нашата интеракција. Ние сме побарале да бидеме дел од таквите држави, иако не сме морале. Е, кога веќе сме побарале да бидеме дел од тоа друштво, тие сега не' ставаат на проверка. Затоа имаат право да се мешаат во нашите работи, така како што се мешаат. Да сме кажале дека сме си сами себе доволни, сигурно нема да ги истакнуваа нивните ставови на овој начин. Кога веќе така стојат работите, што ни останува да правиме? Па, логично е да се прифатат укажувањата за фер и демократски избори, за цивилизирана процедура и за натамошно демократизирање на свеста на учесниците.
Интересно е што кај нас „докажаните“ борци за човекови права, кога ќе влезат во партискиот барабан, за кратко време забораваат на се' што правеле претходно. Тоа е можно затоа што, за жал, јавното мислење е далеку од зрело и со подолго паметење. Играјќи на картата дека се' се заборава за кратко време, односно дека се' што вчера важело денеска не игра, може да се менуваат принципите, уверувањата, па и идеолошката определба, сите наши првенци се поигруваат со избирачите. Пресметано е дека јавното мислење може да се меси по потреба и ако се создаде отпор, со засилен медиумски притисок тој се канализира според потребите. Токму тука ја лоцирам потребата и, ако сакате, зависноста од контролата на средствата за јавно информирање. Погодноста за моделирање, ако под контрола се држат особено телевизиите, бидејќи весниците се далеку помалку влијателни, се сака да се искористи по секоја цена.
Во Македонија стана исплатливо да се поседува телевизија. Испаднаа визионери оние што отвораа телевизии на времето, бидејќи сега тие се огромен извор на пари. Државата ги користи како свое платно, за кое дебело плаќа. А, не се мачи никој да информира колку чини тоа задоволство. Според она што го гледаме, каква моќ манифестираат сопствениците на телевизиите, односно колкаво влијание имаат во системот, може да се заклучи дека премногу се напумпани со пари. Но, сметката не ја плаќа државата, туку граѓаните. Само кај нас е можно сето она што се случува во медиумите, кои сега се во симбиоза со државата. Никој не се ни труди да каже колку средства се трошат и дали воопшто има некаков ефект од тоа. Она што досега можеше да се слушне е дека сето она што се случувало било промоција на владините политики. О.К., тоа звучи интересно. Ама, сакам да слушнам според која методологија се мери успешноста на информирањето. И пак да се вратам на нашите пријатели однадвор, на кои сме им дале за право да ни укажуваат за нашите грешки. Тие констатираат дека медиумите не се баш слободни и дека тоа е, благо речено, проблем за демократијата.
Крајната цел на секоја политика е да ја освои апсолутно целата власт. Политичката борба сама по себе во тој процес станува цел. И се' станува оправдано од таа перспектива. Но, по освојувањето на сите можни нивоа и обединувањето на целата власт под една капа, што ќе остане за освојување. По дефиниција, следна фаза се внатрешните разместувања на помалите групи во партијата кои ќе се трудат под свое да стават што повеќе интерес. Колку што знам, тој процес извесно време веќе тече. По изборите само може да се засили. Што е тоа ако не распаѓање токму по линиите на поделеност помеѓу интересните групации. Во овие избори ќе бидат искористени за постигнување на целта сите можни методи, како и сите можни телевизии. Сигурен сум дека никој нема да има увид колку чини тоа. Целта што е зацртана ќе се постигне. Меѓутоа, повеќе од сигурен сум дека цената за Македон��ја, ако не се вразумат политичките елити, ќе биде огромна.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk
|