Мислења
Лихварство со тапија!
Ден Дончев
Кумулативниот ефект од ваквото кредитно олабавување може да има катастрофални последици за државата во блиска иднина
Новиот закон за финансиски друштва, кој овозможува формирање и функционирање финансиски субјекти, кои ќе можат да се основаат со капитал од само 100.000 евра, е една од најризичните предлог-мерки што оваа Влада ги има донесено во последните четири години. Овој закон може да има катастрофални последици врз одредени слоеви во општеството. Пред да се разгледаат потенцијалните економски последици од овој закон, треба да се анализира образложението за причините зошто овој закон се донесува. Министерот за финансии Зоран Ставрески објаснува дека една од целите на овој закон е да се стават под контрола работењето на т.н. лихвари и нивните камати. Но, овој закон не може да го направи тоа.
Лихварството постоело и ќе постои како професија, која е една од трите најстари професии во светот. На поединците кои се подготвени да зајмуваат пари од лихвари, бидејќи се во толку очајна ситуација (коцкари, криминалци и слично), што рационално финансиско друштво (без разлика на големината), никогаш не би им зајмило средства. Гледано од страна на самите лихвари, една од нивните придобивки од зајмувањето пари на ва��ви поединци е токму абнормално високата каматна стапка на зајмените пари. Значи, формирањето легални финансиски друштва од сегашните лихвари, преку кои би им зајмување пари на поединци, кои се нивна клиентела, воопшто не им одговара и на самите лихвари. Тие се свесни за ризикот што постои кога им зајмуваат пари на вакви поединци. Затоа лихварите се свесни дека формирањето финансиски друштва преку кои на легален начин би можело да даваат заеми драстично го намалува нивниот потенцијален профит. Да се верува дека лихварството како негативна општествена појава може да се реши на кој било начин освен со кривично гонење е - илузорно.
Второто образложение на министерот за финансии е дека овој закон би имал позитивен ефект врз конкуренцијата на банкарскиот сектор во Македонија. Македонскиот банкарски сектор се' уште има големи проблеми и факт е дека може да има значително поголема улога за економскиот развој на државата од онаа досега. Ама да се верува дека мали финансиски друштва, основани со капитал од 100.000 евра, без разлика дали ќе ги има многу или не, ќе можат да придонесат за подобрување на конкуренцијата на банкарскиот сектор е голема илузија.
Конечно, министерот за финансии образложи дека преку овој закон се очекува да се зголеми понудата на кредити и да се олесни пристапот до нив, што би имало позитивен ефект врз мобилизирањето на надворешни извори за финансирање на економскиот развој и зголемување на вработеноста. Во првиот дел од образложението министерот е сосема во право, но, очигледно, катастрофално ги преценил очекуваните позитивни економски ефекти од законот.
Економски развој и зголемување на вработеноста се постигнуваат исклучиво преку зголемување на бруто домашното производство на една земја. Еден од начините преку кои оваа цел може да се постигне е зголемувањето на инвестициите во домашното стопанство. Под инвестиции се подразбира исклучиво изградба на нови капацитети, набавка на опрема и машини или изградба на инфраструктура, со цел да се зголеми идното производство. Еден од основните начини преку кои оваа цел се постигнува е токму преку банкарскиот сектор. Овој сектор, всушност, треба да ги прибира депозитите (заштедените пари на фирмите и на граѓаните) и да ги пласира кај поединци или фирми што имаат економски проекти преку кои ќе создадат дополнителна економска вредност во иднина. Преку создавање нова економска вредност се зголемува бруто домашното производство, а воедно се обезбедуваат приливи од самиот зајмувач (инвеститор) за враќање на главнината и каматата на заемот. Ова е единствен начин преку кој финансискиот систем во една држава може да придонесе за одржлив економски развој на долгорочна основа. На пример, разбирливо е една банка да може да им зајми пари на поединец за купување нов автомобил. Но, ако автомобилот е увезен, тогаш самиот кредит имал негативен ефект врз бруто домашното производство, бидејќи средствата неповратно заминале од државата за набавка која нема да придонесе во зголемувањето на идното бруто домашно производство.
Преку овој пример се гледа токму првиот од двата големи проблема на новиот Предлог-закон за финансиски друштва. Најголем дел од средствата што ќе се пласираат преку овие финансиски друштва ќе бидат кредити кон поединци наменети за тековна потрошувачка. Зголемувањето на тековната потрошувачка, која е резултат на зголемувањето на кредитирањето, ќе има краткорочен позитивен економски ефект. Но, бидејќи македонската економија има структурален проблем изразен во огромниот трговски дефицит, зголемувањето на потрошувачката ќе почне да се рефлектира преку зголемување на увозот, односно зголемувањето на трговскиот дефицит. Ова, пак, неминовно значи дека, посебно во отсуство на странски директни инвестиции, државата ќе биде принудена да го зголемува својот надворешен девизен долг или да ги намалува своите девизни резерви.
Вториот голем проблем е дека клиентела на новоформираните финансиски друштва, генерално, ќе бидат поединци кои може да се класифицираат како најризична категорија од аспект на нивните сегашни и идни лични доходи и примања. Економските проблеми со кои се соочени граѓаните на Македонија (32 отсто невработеност и 31 отсто сиромаштија) не можат да бидат решени преку зголемен пристап до кредити. Не е веројатно дека сегашните банки во Македонија ќе зајмуваат потрошувачки или какви било кредити на поединци, кои немаат докажани сегашни и идни приходи и примања, без разлика на гаранциите кои тие се подготвени да ги дадат (хипотека врз стан или друг имот). Но, многу е пореално да се очекува дека сопствениците на новоформираните финансиски друштва ќе бидат бескрупулозни при доделувањето на кредити на поединец, доколку тој даде хипотека врз стан или друг имот, без да се има предвид дали тој има реални шанси да го отплатува кредитот.
Значи, охрабрува олеснувањето на пристапот до кредити и преземањето ризик од оние слоеви на општеството, кои најмалку треба да преземаат ризик. Економските проблеми на кој било поединец не може да се решат преку зајмувања за тековна потрошувачка. Напротив, кумулативниот ефект од ваквото кредитно олабавување може да има катастрофални последици за државата во блиска иднина.
(Авторот е економски аналитичар) |