Бизарна смрт на крадец во трафика
Момче се обеси заглавувајќи се меѓу железните решетки на трафика во центарот на Скопје
Горан Адамовски
Драма со несреќен крај се случи вчераутро во центарот на Скопје. Момче, чиј идентитет не беше познат до попладневните часови, беше пронајдено мртво во трафика до студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Несреќното момче било обесено во просторот за вентилација на објектот, кој тогаш не работел. Првично, се претпоставува дека момчето се обидело да изврши кражба во трафиката, но во несреќен случај го загубило животот. Кај него бил пронајден само мобилен телефон и батериска ламба. Никакви лични документи, поради што на надлежните им беше тешко да го утврдат неговиот идентитет.
Стравотната глетка била забележана од случајни минувачи утрото околу 6,45 часот. Момчето било обесено меѓу просторот за вентилација и кровната конструкција на трафиката „Тобако“ на аголот од булеварот „Свети Климент Охридски“ и улицата „Вељко Влаховиќ“. Според очевидци, момчето се' уште давало знаци на живот и викало помош. Веднаш биле алармирани полицијата, Брзата помош и Противпожарната служба. Но, смртта била побрза, момчето починало.
Трафиката не работела веќе неколку дена, тврдат вработените во околните продавниц��. Заштитната ограда се' уште беше поставена, вратата заклучена со брава. Кога се случила несреќата и како успеало момчето да се протне внатре, беа прашањата што ги засегаа сите што љубопитно се собраа околу трафиката, обидувајќи се да дознаат што се случило...
„Се качило одназад. Најпрво на автомобил што бил паркиран до трафиката, потоа ги извадило решетките и се обидело да влезе во трафиката, најверојатно, за да краде“, зборуваа шокираните станари од зградата оддалечена пет-шест метри од местото на настанот.
Според претпоставките, момчето најпрво со телото се спуштило надолу, но главата му останала заглавена зад железните решетки.
„Изгледа така се обесило“, зборуваа полицајците што го обезбедуваа просторот каде што се вршеше увид, кој започна околу 10 часот. На терен излезе и директорот на Институтот за судска медицина, д-р Алексеј Дума. Телото на момчето беше однесено за обдукција.
Во МВР велат дека се' уште работат на утврдување на идентитетот на загинатото момче, како и за причините за настапувањето на смртта.
Во меѓувреме проструија шпекулации дека станувало збор за 13-годишно момче од ромска националност, штитеник на Домот за деца без родители, но ваквите информации ги демантираа од Домот „11 Октомври“ во Скопје. |