Што ќе прави сега државата во спорот со ЕВН
Владата омекнува кон ЕВН во интерес на датумот за ЕУ
Маја Томиќ
Апелациониот суд завчера ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 2, според која „ЕВН Македонија“ треба на државната ЕЛЕМ да и' плати околу 160 милиони евра, со камати, кои се долг од неплатени побарувања од времето на некогашното „Електростопанство на Македонија“, односно кога ЕВН не беше сопственик на македонската дистрибуција. Пресудата на Основен суд Скопје 2 беше донесена во април годинава, а ЕВН набрзо ја обжали до Апелација, и потоа поднесе и тужба против Република Македонија на Арбитражниот суд во Вашингтон.
Одлуката на Апелација се' уште не е официјално пристигната ниту во ЕВН, ниту во ЕЛЕМ и токму затоа од овие компании вчера немаа никаков коментар во врска со тоа. Рекоа оти информацијата ја дознале од медиумите и ветија дека ќе ја известат јавноста за своето мислење кога ќе добијат црно на бело од Апелацискиот суд.
И Владата вчера не сакаше да коментира за одлуката на Апелација. Според портпаролот Мартин Мартиновски, Владата ја нема официјалната одлука на Судот и нема да коментира ништо понатаму, затоа што станува збор за спор меѓу две компании. Инаку, според Апелација, биле утврдени бројни неправилности и суштински пропусти во првостепената постапка во спорот меѓу ЕЛЕМ и ЕВН. Тоа значи дека ќе има повторно судење, со забелешките и препораките на Апелација. Според правни извори, укинувањето на тужбата на ЕЛЕМ од страна на Апелација, значи дека предметот се враќа повторно на првостепена постапка во Основен суд Скопје 2. Постапката може целосно да запре само доколку ЕЛЕМ се повлече од тужбата. Останува да се види дали ЕЛЕМ, односно Владата, ќе биде подготвена за такво нешто.
Сепак, новонастанатата ситуација не значи дека ЕВН ќе направи какви било промени или отстапки во веќе поднесената тужба во Вашингтон, каде што се одвива процедурата за спорот и веќе е формиран трибунал. Останува само да се закаже првото рочиште. Дотолку повеќе што ЕВН не ја тужи Македонија само во врска со спорот со ЕЛЕМ, туку и за донесените измени во Законот за енергетика, кои ја влошија положбата на оваа компанија на пазарот, а од друга страна, пак, беа во корист на ЕЛЕМ. За тие измени реагираше и Брисел, од каде што во јули беа упатени забелешки за одредени членови во Законот и на Владата и' беше сугерирано што поскоро да направи корекции. ЕВН тужи и за нарушување на делови од Договорот за поттикнување на инвестициите, склучен меѓу Македонија и Австрија.
Дали одлуката на Апелација, за што и' беа потребни речиси четири месеци, значи дека ЕЛЕМ, односно Владата, има намера да се повлече од тужбата, всушност, дека го омекнува тврдиот однос што го имаше кон ЕВН уште од самиот старт на оваа инвестиција во земјава? Според неофицијални информации, да. Во заднина на одлуката на Апелација, всушност, се кријат сигнали дека Владата почнува да игра поинаку со ЕВН, а во насока на купување време и поени пред меѓународна��а заедница, во интерес на побрзо добивање датум за преговори за влез во ЕУ. Од друга страна, пак, како што дознаваме, релациите Влада - ЕВН значително омекнале по доаѓањето на Владимир Пешевски на местото вицепремиер за економски прашања наместо Зоран Ставрески.
„Воспоставена е добра соработка меѓу ЕВН и Пешевски и за сите тековни проблеми во последно време се доаѓа до заеднички решенија“, велат наши извори.
Според познавачи на состојбите, Владата е подготвена да се повлече од повеќе работи само за да добие што побрзо датум за преговори за влез во ЕУ. Тука значајно место има тужбата на ЕВН во Вашингтон, за што цела експертска јавност на Владата и' сугерираше да не влегува во спор со ЕВН, поради можните меѓународни последици, но таа не слушаше. Сега ќе се тргува со се', велат наши извори, а тука не е исклучен и споменикот на Александар Македонски само за да се добијат политички поени пред Брисел. Владата тактизира, а кога малку ќе стивнат работите таа јавно ќе се повлече од тужбата за ЕВН, прогнозираат експерти.
За потсетување, државната ЕЛЕМ со тужба побарува од „ЕВН Македонија“ 6,5 милијарди денари или 106 милиони евра, што е околу половина од парите за кои австриската компанија го купи некогашно ЕСМ - 225 милиони евра, во 2006 година. По основ на лани поднесената тужба од ЕЛЕМ, Основниот суд Скопје 2 во април годинава ја донесе пресудата во корист на државната компанија, а таа се однесува на нецелосно платен долг за струја за период од 1995 до 2004 година, пред ЕВН да стане сопственик на ЕСМ. (М.Т.)
|