Седум лица загинаа во експлозиите во фабриката за муниција во Србија
На пожарот му претходеше серија од четири до пет експлозии, од кои едната урна ѕид на погонот и проби врата тешка пет тони
УЖИЦЕ - Седум лица, од кои шест жени и еден маж, загинаа во четвртокот навечер во фабриката за муниција „Први партизан“ во Ужице, по четирите експлозии што одекнаа околу 21,30 часот, потврди српскиот министер за полиција Ивица Дачиќ. Тој соопшти дека 14 работници се полесно повредени. По посетата на фабриката Дачиќ изјави дека причината за експлозиите се' уште не е позната. Во Ужице вчера изутрина беше прогласена тридневна жалост поради несреќата. Владата на Србија вчера одлучи 5 септември 2009 година да се прогласи за ден на жалост во Србија, поради трагичното загинување на седум работници.
Пожарот во „Дупката“ избувна околу 21,15 часот, само 45 минути пред втората смена да биде заменета со трета. Што е точната причина за појава на оган во секторот за барутно полнење прексиноќа никој не знаеше да објасни, ниту полицијата, ниту вработените, кои од тунелот на смртта се спасија по паничното бегство.
На пожарот му претходеше серија од четири до пет страшни експлозии, од кои една беше толку силна што урна ѕид на погонот и проби врата тешка пет тони. Пожарот беше локализиран околу 22 часот, кога пожарникари со гас-маски успеаја да влезат во фабриката во потрага по исчезнатите, каде што на длабочина од 300 метри од влезот ги пронајдоа безживотнтие тела на шестмина работници. Низ ужичките населби до длабоко во ноќта се ширеше неподнослив мирис на барут.
„Наеднаш само пукна. Експлозијата беше страшна. Сите што останавме на нозе панично се стрчавме кон излезот. Огнената стихија што се ширеше од тунелот со брзина на светлина ни се приближуваше. Трчавме и газевме преку луѓето кои паѓаа во стампедото. Добро е што децата се спасија, бидејќи овде многу млади работат преку студентска задруга“, изјави за „Блиц“ една од работничките на „Први партизан“. Во моментите додека пожарот се' уште господареше во погоните на фабриката, а за работниците кои не успеаја да се извлечат не се знаеше ништо, пред влезот на „Дупката“ владееја хаос и паника. Покрај стотина работници од втора смена и нивните колеги кои пристигнуваа за трета смена, имаше и членови на семејствата и познаници. Надежта дека седумтемина вработени заробени во тунелите, сепак, успеале да преживеат, тлееше до 23 часот кога беше објавена тажната вест.
Министерот за полиција околу 1.30 часот потврди дека во несреќата загинале седум работници. До тој момент судбината на една жена не беше позната. Таа се водеше како исчезната, бидејќи неколку минути пред страшната експлозија заминала на пауза.
„Пожарот е локализиран и веќе не постои опасност од ширење на огнот. Во еден момент пожарот се закануваше да го зафати магацинот со готови производи. Со навремена акција е спречена катастрофа и значително поголем број жртви, бидејќи во фабриката имаше стотина луѓе“, изјави Дачиќ.
Повеќе од стотина луѓе стоеја во шок. Мачната тишина ја нарушуваа лелеци и плач на семејствата на жртвите, кои се собраа пред влезот на фабриката.
Директорот на „Први партизан“, Добросав Андриќ, изјави за Б92 дека не верува оти причината за експлозијата е во процесот на производство. Како што изјави тој, пред две седмици бил извршен целосен ремонт на фабриката. Андриќ наведе дека работниците што работат во погоните имаат големо искуство и сите се обучени за работа со експлозивни средства. Нему не му е јасно што би можело да биде причина за експлозијата.
Фабриката „Први партизан“ е основана во 1928 година. До денес претставува еден од најголемите производители на муниција во светот. Дел од муницијата се прави по НАТО-стандарди. Покрај тоа, во дејност на фабриката спаѓа и производство на алати и машини и медицински апарати. „Први партизан“ со муниција ги снабдува војската и полицијата на Република Србија и многу армии во светот. Во фабриката се произведува спортска и ловечка муниција, што се продава низ светот. Фабриката има три производствени погони и вработува повеќе од 600 работници.