С. Вилијамс доби највисока казна во историјата на тенисот
ИТФ и' изрече глоба од 175.000 долари и две години условна суспензија
Меѓународната тениска федерација (ИТФ) изрече остри казни за американската тенисерка, Серена Вилијамс, поради непримерно однесување за време на полуфиналниот меч на годинашниот Ју-Ес опен. Помлада од сестрите Вилијамс ќе треба да плати 175.000 долари и во наредните две години ќе биде под условна суспензија, па за секој друг ист или сличен инцидент на некој од Гренд слем турнирите ќе и' биде забранет настап на последниот сезонски Гренд слем на 24 месеци. Но, исто така казната ќе и' биде намалена на 82,500 долари ако во наредните две години не направи никаков инцидент.
Серена Вилијамс е казнета бидејќи се закани на еден од линиските судии во полуфиналето против Белгијката Ким Клајстерс.
„Да можам, ќе го земам топчето, ќе ти го ставам во уста и ќе те убијам“, беа зборовите на С. Вилијамс кон линискиот судија по што го скрши рекетот.
Американската тенисерка се извини за својата непримерна реакција, но не се извлече од парична казна, износ кој за неа е ситница ако се има предвид дека само оваа година заработи повеќе од 6,5 милиони долари.
Досегашната највисока казна во тенисот ја доби Американецот Џеф Таранго. Во 1990 година тој плати 48.000 долари поради „долгиот“ јазик. |