Далас и Милвоки до победи во неизвесни завршници
Маверикси подобри од Филаделфија со 104:102, бакси од Чикаго со 99:97
Со тројката на Џејсон Тери на една секунда до крајот кошаркарите на Далас ја совладаа Филаделфија со 104:102. Германецот Дирк Новицки вгради 28 коша во триумфот на маверикси, Тери го заврши мечот со дабл-дабл ефект (26 поени, 11 асистенции). Далас сега има скор од 13 победа и пет порази што е најдобар старт на тимот во една сезона по 2006 година. Игуодала погоди за три поени на пет секунди до звукот на сирената и и' обезбеди израмнување на Филаделфија (102:102), но по тројката на Тери промаши очајнички обид со кој ќе го внесеше натпреварот во продолженија. Игуодала постигна 19 коша и беше главен инспиратор за доцното гостинско враќање во живот кои на 2,5 минути до крајот „седумдесетишестките“ имаа минус 9. Прво име кај Филаделфија, која го доживеа седмиот пораз во низа, беше Вили Грин со 23 коша и осум скока.
Неизвесно беше и во арената на Милвоки во која бакси на крајот го совладаа Чикаго со 99:97. Посебно драматични беа последните 15 секунди. Чарли Бел не беше прецизен во едно од двете слобдни фрлања им овозможи прилика за екстра баскет на „биковите“ кои го имаа последниот напад, но Бред Милер не погоди. Голема улога во триумфот на Милвоки имаше Ендрју Богут кој се врати на теренот по неколкуте пропуштени средби поради повреда.
„Тој е многу важен дел од овој тим. Не сакав долго да го држам во игра во првиот меч по повредата. Но, Ендрју играше извонредно и ми беше тешко да го седнам на клупа“, изјави тренерот на Милвоки, Скот Скајлс.
Богут забележа 22 коша и 15 скока, Бел учествуваше со 16 коша и 5 асистенции во победата на домашниот состав, најефикасен во екипата на Чикаго беше Џон Салмонс со 23 поени, Денг оствари ефект од 22 коша и 14 скока, дабл-дабл учинок и за Јоаким Ноа (16 поени, 17 скока).
Резултати: Далас - Филаделфија 104:102, Јута - Мемфис 120:93, Милвоки - Чикаго 99:97, Голден Стејт - Индијана 126:107. |