Ватерполистите се острат за Грците
Нонковиќ: Ако играат во истиот состав како со Русите, ќе можеме да им парираме
Роберт Димитриевски
Осоколен од силниот отпор што резултираше со тесен пораз од 9:7 од финалистот Хрватска во дебито на неговите избраници во Светската ватерполо лига на 17 ноември, македонскиот селектор Стеван Нонковиќ со оптимизам гледа на гостувањето во Грција на 8 декември. Грците на стартот во Кириши загубија со 9:6 од домаќинот Русија, која, пак, во ова коло ќе и' гостува на Хрватска.
„Го гледав натпреварот Русија - Грција, на кој гостите настапија со доста млади играчи, па ако го извадат истиот состав и против нас мислам дека ќе можеме да се носиме со нив. Ако, пак, вратат два-тројца искусни ватерполисти, тогаш ќе биде многу тешко, бидејќи со нив, според мене, тие се една од шесте најсилни селекции во Европа“, смета селекторот, кој е свесен и за дополнителната димензија на мечот со јужниот сосед. „Дуелите со Грција имаат и друго значење за Македонија, па ќе се обидеме да му донесеме барем малку радост на народот. Со повторување на играта од натпреварот со Хрватите во Скопје, посебно на борбеноста, на ангажираноста и на темпото од тој меч, очекувам добар резултат во Атина“.
Нонковиќ утре ќе го објави поширокиот список од 23 играчи, од кои по единствениот тренинг в недела ќе селектира 15 што со автобус ќе заминат на мечот во Атина од второто коло од втората група. Ден пред собирот, пак, тој ќе го предводи Работнички на меч во Обреновац од српската лига.
Грците потклекнаа во Кириши во втората и во третата четвртина, кои ги загубија со 3:1, односно со 2:1. Во првиот и во последниот период од осум минути беше нерешено 2:2.
Двојки за второто коло од Светската лига на 8 декември, прва група: Франција - Италија и Германија - Црна Гора; втора група: Грција - Македонија и Хрватска - Русија; трета група: Турција - Шпанија и Романија - Србија.
На финалниот турнир во јули ќе се пласираат само победниците на групите. |