ФИА потврди 12 тима за в година
За 13. екипа ќе се решава на 11 декември, дебитантот Мејнор пријавен под името Вирџин
Светската автомобилистичка федерација ги објави имињата на 12 екипи што ќе учествуваат во шампионатот во Формула 1 в година. Дебитантот Мејнор ќе се натпреварува под името Вирџин по долго очекуваното договор за спонзорство што вчера требаше да го склучат тимскиот шеф Џон Бут и милијардерот Ричард Бренсон. Нови тимови се и Лотус, Кампос Мета и Ју-Ес Ф1.
Прашањето за 13. екипа останува нерешено, иако се очекува местото да му биде доделено на Заубер по состанокот на Светскиот совет за мотоспорт во Монако на 11 декември. Петер Заубер минатата седмица си ја врати контролата врз тимот што пред четири години му го продаде на БМВ, кој се повлече од овој спорт.
„Убеден сум во таквиот развој“, изјави 66-годишниот Швајцарец, кој се надева дека ФИА ќе одговори позитивно на барањето на неговата екипа. „Би било голема штета да се затвори една од најдобрите фабрики во Формула 1. Во врска со местото на патеката, уверен сум дека многу наскоро ние ќе ја добиеме последната лиценца“.
Комисијата за Формула 1 треба да дикутира за судбината на Тојота следната среда исто така во Монако. Јапонскиот автопроизводител изненадувачки се повлече од Ф1 на крајот од сезонава, и покрај тоа што во текот на летото го потпиша новиот договор „Конкорд“, кој ги обврзуваше да останат во спортот во следните три години. Останува нејасно дали на новиот сопственик автоматски ќе му биде доделена лиценцата врз основа на потписот на Тојота врз договорот.
Потврдени учесници во шампионатот на Формула 1 во сезоната 2010 се: Мекларен со своите британски возачи Џенсон Батон и Луис Хамилтон, потоа Мерцедес (Нико Розберг), Ред бул (Себастијан Фетел и Марк Вебер), Ферари (Фелипе Маса и Фернандо Алонсо), Вилијамс (Рубенс Барикело и Нико Хулкенберг), Рено (Роберт Кубица), Форс Индија (Адријан Сутил и Витантонио Лиуци), Торо росо (Себастијан Буеми), Лотус, Кампос Мета (Бруно Сена), Ју-Ес Ф1 и Вирџин (Тимо Глок). |