Македонија ЃП на подготовки во Анталија!
И шампионот и Слога Југомагнат чекаат од ФФМ да ја добијат одлуката за суспензија, па ќе се жалат
Миодраг Мицковиќ
Раководствата и на Македонија ЃП, актуелниот шампион на Македонија и на трикратниот државен првак Слога Југомагнат и не помислуваат од идната сезона да играат во Општинската лига на Скопје. Тие чекаат да ја добијат одлуката за исклучување од Првата лига и префрлување во понизок ранг што им ја изрече комесарот за натпревари Миле Спирковски за да потоа вложат жалба на таа одлука до Комисијата за молби и жалби на ФФМ.
- Ние се' уште сме прволигаши без оглед на одлуката на комесарот за натпревари, беа зборовите на директорот на клубот на Македонија, Драги Митковски. Се' што знаеме, тоа е од пишувањето во дневниот печат. Не ни се јасни и некои членови од Правилникот за натпревари според кои ние сме вака драстично казнети. Сигурно ќе се жалиме и верувам дека ќе успееме да докажеме дека сме во право и дека ќе продолжиме да играме во прволигашкото друштво каде ни е и местото.
Сакам да подвлечам и да прашам: со кое право не казнува Миле Спирковски. Дали тој и натаму е комесар бидејќи за тоа треба да одлучи новиот Управен одбор. Не се избрани новите комесари, ниту за натпревари, ниту дисциплинскиот, ниту комесар за делегирање на судии, судиски одбор. Сите овие одлуки не се легитимни. Тие допрва треба да се бираат и да им се даде нов мандат, а потоа да одлучуваат, се разбира и Миле Спирковски.
Во канцеларијата на ФФМ се интересиравме дали Миле Спирковски може да донесува ако Управен одбор не му го продолжил мандатот на последната седница.
В.д. генералниот секретар Горан Климпер не информира дека тука нема никакви проблеми, на последното собрание на ФФМ според Статутот се бираат само нови членови на Надзорниот одбор, Судот за арбитража и Комисија за молби и жалби. Сите други комесари остануваат и продолжуваат со својата работа, освен ако Управниот одбор не донесе одлука некој од комесарите да биде сменет. Меѓутоа, тоа не е направено на последната седница.
Интересно е да се напише дека во клубот во Ѓорче Петров и натаму течат редовни активности како ништо да не се случува. Во тек се преговорите за гостување на Кипар и одигрување на н��колку пријателски средби на покана од нивниот поранешен тренер Радмило Иванчевиќ, кој сега е тренер во Кипар. Веќе се потпишани договор за зимските подготовки во Анталија, каде Македонија веќе неколку сезони се подготвува. Младинците, кадетите и пионерите деновиве треба да заминат на традиционалниот турнир во германскиот град Келн.
- Ќе се бориме докрај да докажеме дека сме неправедно исклучени од лигата, никој нема право да си поигрува со името Македонија. Да не заборавиме, таа е шампион на оваа држава, ни рече на крајот Драги Митковски кој енергично ги демантира последните изјави во дневниот печат дека Македонија ќе упати молба до Фудбалската федерација на Србија своите натпревари да ги продолжи во првата лига на соседната држава.
Нема ниту паника во редовите на Слога Југомагнат. Нејзиниот прв човек и спонзор, Рафет Муминовиќ е категоричен кога ни изјави:
- Миле Спирковски не може да не' исклучи од Првата лига и да донесе така ригорозна казна. Тоа може да го направи единствено Управниот одбор на ФФМ, но пред тоа ние ќе вложиме жалба до Комисијата за молби и жалби, кога официјално ќе го добиеме решението зошто сме казнети и според кои членови од Правилникот, а потоа ќе бараме други правни лекови за да останеме во Првата лига. И јас прочитав дека Слога Југомагнат, доколку биде исклучена од Првата лига, ќе игра во Лигата на Косово. Тоа е ординарна глупост само шпекулации на некои луѓе кои не и' мислат добро на Слога Југомагнат. Целиот Чаир е со нас, имаме поддршка од сите да истраеме во нашата борба и да докажеме кој е во право, ние, заедно со Македонија, или Фудбалската федерација на Македонија.
Сигурно дека Македонија и Слога Југомагнат ќе имаат проблеми да докажат дека се во право. Фудбалските прописи се против нив, исто така, и прописите на УЕФА и ФИФА кои не прифаќаат никакви бојкоти. За жал, штетата е веќе направена, не само на фудбалот во Македонија туку и на играчите на двата клуба кои сигурно никој не ги прашува кога се носат вака тешки одлуки за бојкот. Но, да оставиме да видиме, кој ќе биде во право во целата оваа непотребна фудбалска рашомонијада. |