Во насилства во Кина загинаа 140 лица

УРУМКИ - Напнатоста меѓу етничките муслимани и кинеското мнозинство Хан во далечниот западен регион Ксинџијанг прерасна во безредија во кои 140 луѓе загинаа, а 828 се повредени, јави вчера официјален претставник. Тие се најкрвави немири што ја погодија оваа невралгична област последниве децении.
Мирниот протест во неделата, на кој учествуваа од 1.000 до 3.000 луѓе, во регионалниот главен град Урумки, очигледно излезе од контрола кога демонстрантите почнаа да беснеат и се судрија со полицијата. Официјалната новинска агенција Ксинхуа јави дека неколку стотици луѓе се уапсени. Објаснувањата како загинале толку многу луѓе се штури. Владата ги обвини Ујгурите во егзил дека ги поттикнале безредијата. Групите во егзил соопштија дека насилството започнало дури откако полицијата презела насилни мерки за да го задуши мирниот протест.
Демонстрантите ги уриваа барикадите, напаѓаа возила и куќи и насилно се судрија со полицијата, јавуваат медиумите и очевидци на настанот. Државната телевизија емитуваше снимки на кои демонстрантите напаѓаат и удираат луѓе на земјата. Други луѓе, очигледно Кинези Хан, седеа зашеметени додека крв се слеваше нив нивните лица.
Ву Нонг, директор на Канцеларијата за вести на провинциската влада Ксинџијанг, јави дека повеќе од 260 возила биле нападнати или запалени во безредијата во неделата додека 203 куќи биле оштетени. Таа додаде дека во насилството загинале 140 луѓе, а 828 биле повредени. Нонг не наведе колку од жртвите се Хан или Ујгури. Агенцијата Ксинхуа, исто така, јави дека 140 луѓе загинале и дека билансот на жртвите „се' уште се зголемува“.
Во соопштението од владата, пренесено од Ксинхуа, се вели дека насилството било „превентивно, организирано насилничко дело. Тоа е поттикнато и наредено од странство и извршено од злосторници во земјата���.
Претходните масовни протести задушени од воените сили станаа сигнал за сепаратистичкото движење на Ксинџијанг. Во 1990 година, околу 200 Ујгури кои повикуваа на света војна протестираа во градот Барен, во близина на границата со Авганистан, а крајниот резултат беше насилство во кое загинаа најмалку 20-ина луѓе. (АП) |