„Глобал зеро“ - утопија или реалност?
Пред доаѓањето на Обама во Русија, група познати политичари и пензионирани генерали од повеќе земји од светот се состанаа за да ја запознаат јавноста со својот предлог, чија суштина е светот целосно да се ослободи од атомското оружје до 2030 година. Да потсетиме, идејата „Глобал зеро“ првпат е формулирана во декември минатата година во Париз. Руската делегација ја предводеше поранешниот лидер на СССР, Михаил Горбачов, како и некогашни министри за надворешни работи на СССР и Русија.
Сега се предлага Обама и Медведев да се договорат околу тоа САД и Русија во првата етапа да го намалат бројот на атомски боеви глави до 1.000. Ако раководствата на САД и Русија би ја прифатиле таа идеја до 2021 година, велесилите би имале само по 500 атомски боеви глави.
Паралелно со Русија и САД, и другите атомски држави прво би престанале со производство на нови атомски глави, а подоцна би го уништиле целото атомско оружје. Станува збор за Кина, Велика Британија, Франција, Индија, Пакистан и Израел.
Иако во принцип голем број политичари и генерали ја поддржуваат идејата за тотално разоружување, не е мал бројот на оние кои „Глобал зеро“ го сметаат за убава утопија.
|