Медведев згрозен од убиството на Естемирова
МОСКВА - Рускиот претседател Дмитриј Медведев беше згрозен од убиството на познатата активистка за човекови права Наталија Естемирова. Тој нареди да се спроведе истрага за убиството на Естемирова, која ги испитуваше наводните малтретирања на полицијата во Чеченија, поддржани од владата. Таа беше киднапирана и однесена со комбе во средата, кога го напуштила својот дом во чеченскиот главен град Грозни. Нејзиното тело беше пронајдено во соседна Ингушетија, со повреди од огнострелно оружје. Естемирова (50) собираше докази за руската организација за човекови права „Меморијал“, во врска со кампањата за палење куќи од страна на припадниците на полицијата, поддржана од владата. Таа беше позната како жесток политички опонент на чеченската влада, предводена од промосковскиот претседател Рамзан Кадиров.
Во острата изјава, претседателот на „Меморијал“, Олег Орлов, ги поврза чеченските власти со убиството на Естемирова, наведувајќи дека таа била лично загрозена во минатото. (Би-Би-Си)
|