Сите непријатели на Саркози
Ниту еден претседател од Петтата република не раководел толку директно од Елисејската палата
ПАРИЗ - Кога претседателот Никола Саркози во мај воведе построг закон за прекин на Интернет-пристапот за оние кои илегално симнуваат музика и филмови, требаше да ја привлече уметничката левица на земјата. Тој долго време ја ценеше „француската културна експанзија“, идеја дека културата има специјална вредност и има потреба од заштита.
Француските пејачи и актери апелираа до владејачките социјалисти да го поддржат законот. Сепак, на крајот социјалистите не гласаа за него, како што направија и комунистите и зелените. И уште многумина поради антипатијата спрема човекот кој го осмисли законот: господинот Саркози. „Систематскиот антисаркозизам може да придонесе да го загубиме здравиот разум“, коментира Жак Ланг, поранешен министер за култура и единствен пратеник од редовите на социјалистите кој позитивно се изјасни на гласањето.
Две години од мандатот на Саркози, интензивната и опсесивна ненаклонетост кон претседателот - антисаркозизмот - брзо станува дефинирачка карактеристика на француската опозиција. Ова оди подалеку од слабиот рејтинг на претседателот, кој опадна за уште четири поени на 32 процента во мај, според податоците од ТНС Софрес.
Франсоа Бајро, центристички лидер, ја почна кампањата со објавување на зајадливата книга „Злоупотреба на власта“. Опишувајќи ја Франција под раководство на Саркози како „егократија“, тој го опишува претседателот како „слеп монарх“ и „варварско дете“, кој „верува дека е семоќен и замислува дека светот почнува со него и е во негови раце“. Списанијата посветија многу страници за да го анализираат карактерот на претседателот. И француската блогосфера е преполна со зајадливи коментари за Саркози, исме��увајќи се' - од неговиот вкус за часовници „ролекс“ до арогантниот одред телохранители и неговата построга политика кон криминалот.
Некои од овие негативни чувства произлегуваат од вистинските разлики околу политиката. Саркози беше избран поради храбрата програма за реформи што беше осмислена од консензуалните идеи од неговите деголистички претходници и многу елементи останаа контроверзни. На пример, неговиот обид да го реорганизира централизираниот универзитетски систем е жестоко критикуван од левицата, која смета дека знаците за конкуренција се напад на републиканските принципи за стандардизирано високо образование за сите.
Меѓутоа, честопати потпирањето на Саркози е погоден начин за опозицијата да ги маскира сопствените неуспеси. Социјалистичката партија е поделена и препуштена на околностите. Мартин Обри, нејзин лидер, не е член на парламентот, Сеголен Ројал, која не е лидерка, се однесува како да е. Тешко е да се критикува одговорот на Саркози на рецесијата. Тој претходно интервенираше за да ги смири банките и да осмисли стимулативен план. Уште поголема несигурност за левицата, која се обидува да го обвини за промовирање жесток либерализам за слободен пазар, тој си постави како цел дополнителни даночни намалувања и бенефиции за послабо платените и невработените, со помош на Мартин Хирш, левичарски експерт за борба против сиромаштијата кого го регрутира во својата влада.
Пред се', стилот и методот на владеење на Саркози се тие што предизвикаа вистинско страдање. Ниту еден претседател од Петтата република не раководел толку директно од Елисејската палата. Советниците на претседателот можат да донесуваат политички одлуки како и министрите. Работата на министрите е деградирана на онаа на менаџер. Мрежата од бизнис-пријатели на Саркози привлекува сомнеж за непотизам. Освен тоа, со отворањето на приватниот живот за јавна инспекција тој го направи сопственото однесување, со сите каприци, легитимен предмет на дебата на начин што би бил незамислив во минатото. Претседателот неодамна на „Фејсбук“ објави видеозапис на кој се гледа како тој и две кучиња ја изненадуваат неговата сопруга Карла Бруни.
Благодарение на големото парламентарно мнозинство, мала е веројатноста антисаркозизмот да се претвори во легислативен проблем. Ако е за утеха, економското незадоволство на улиците и во фабриките и понатаму е најголема грижа. Поддршката за Саркози меѓу сопствената гласачка база останува солидна. Всушност, зголемувањето на бројот на партиите кај левицата и центарот значи дека неговата УМП би можела да обезбеди победа на европските избори. Французите можеби не го сакаат многу својот претседател, но допрва треба да најдат некого што ќе го сакаат повеќе. (Економист) |