16.10.2012, 16:54 Од одгледување овци добро се живее
Вангелина Пармачки од беровско Будинарци е една од ретките жени која успешно се занимава со сточарство
Сања Наумовска
Денот да биде подолг и од 24 часа, понекогаш нема да и' биде доволен на Вангелина Пармачки да ги заврши сите обврски. Оваа млада мајка на три деца е една од ретките жени во нашата земја која успешно се занимава со сточарство. Грижата за над 200 овци, но и секојдневните домашни обврски, вели таа, не и' паѓаат тешко, бидејќи сака да работи. Во нејзиното село Будинарци, Беровско, вели нема друг извор на егзистенција.
Дека одгледувањето овци ќе и' биде начин на кој ќе го прехранува своето семејство одлучила кога била многу млада, пред петнаесетина години. И во детството, пред да се омажи, се занимавала со сточарство. Денес има своја фирма, зема субвенции од кои инвестирала во трактори и во друга механизација, а работи и на нивите на кои произведува храна за стоката. Сепак, вели, има уште многу нешто да научи и за да го зајакне својот бизнис. Неодамна го регистрирала своето производство како органско, а извезува и органски одгледани јагниња. Не се жали, иако за нив добива иста цена како и за конвенционално одгледаните. Објаснува дека во Малешевијата има многу работа со земјоделците и со сточарите, кои се неорганизирани и не успеваат самите да се снајдат.
„Напорно е, но сме одлучиле да обезбедуваме егзистенција на овој начин. Од одгледувањето овци добро се живее, иако е тешко и да бидеш сточар и сам да ги следиш новитетите во својот бизнис, сам да обезбедуваш пласман за својот производ“, вели Пармачки. Малешевијата е пасивен крај, смета таа. Нема ниту регистрирано земјоделско здружение ниту, пак, некој што би ги советувал и подучувал земјоделците и сточарите.
Субвенциите се дополнителен поттик да се развива бизнисот. Семејството Пармачки, освен што одгледува овци, продава млеко и произведува органско сирење и урда. За сето производство пласманот го наоѓаат сами и многу често зависат од понудената цена. „Сепак, најважната работа за секој сточар во Македонија е да не биде зависен од купување скапа сточна храна“, вели Вангелина Пармачки.
„Моето семејство има осум декари земјиште на кое одгледуваме компири и ливади со луцерка од каде што ја обезбедуваме речиси сета храна за стоката. Нивите се ѓубрат со арско ѓубре. Домашното производство ни овозможува контрола на квалитетот поради што имавме можност и производството да го сертифицираме како органско“, вели Вангелина.
Во нејзиното шестчлено семејство секој си има своја работа, а ретко некој има слободно време. Сепак, вели Вангелина, во последно време таа и сопругот Миле им оставаат повеќе време на осмоодделенецот Јованче и седмоодделенката Марија за учење и дружење, а помалку работни обврски.
А во текот на еден ден работата околу овците е напорна и бара многу време и енергија. Секојдневното молзење кое понекогаш треба да се направи и двапати дневно се' уште го прават рачно. Потоа се прави млекото, па се изнесуваат овците на паша. Попладне повторно се молзат, па се прави сирење. Во меѓувреме, за Вангелина остануваат домашните обврски околу семејството. „Кај нас сите работат, но во сточарството е неопходно да има поделба на машка и женска работа. Со свекрвата Велика почесто сме ангажирани околу молзењето и правењето сирење, бидејќи не можеме да работиме тешка машка работа како што се косење и балирање сено“, објаснува таа.
Во секојдневните обврски им помага и најмалиот Ангел, иако Вангелина вели дека децата секогаш сакаат повеќе да играат и да се дружат.
„Се обидувам секоја вечер да им посветам малку внимание на децата, да се видам со нив и да поразговарам, иако многу често работата ни трае и до полноќ“, раскажува Пармачки.
И за 18.000 денари плата ретко некој сака да биде овчар
„Да можам да најдам овчари, нема да чувам само 200 овци. Ќе имам 400, или повеќе. Сепак, иако платата е многу пристојна и се движи од 15.000 до 18.000 денари, никој не се нафаќа да ја работи оваа работа“, се жали Вангелина. Таа објаснува дека како и секоја друга работа, и овчарството си има свои одговорности, но не е толку напорно за овчарите да се откажуваат по една или две недели. Многу често, раскажува таа, морале самите да ги водат овците, бидејќи овчарите едноставно ја напуштале работата и си заминувале.
|