17.10.2012, 12:24 Студентка од Скопје скокна во смрт
Трагедија во населбата Козле: 21-годишна девојка се фрли од кров на десеткатница
Горан Адамовски
Утрово дошла со велосипед и со ранец на грбот. Ги оставила пред високатницата во скопската населба Козле. Се качила на кровот и скокнала во смрт. Трагичната приказна на 21-годишна студентка од Скопје ги шокираше сите. Се бараат одговори што ја натерало младата девојка да си го одземе животот.
Самоубиството се случи утринава, неколку минути пред 9 часот на улицата „Јуриј Гаргарин“, во кулата број 53. Според полициските информации, девојката се качила на покривот од десеткатницата и скокнала на плочникот. Починала на самото место. Нејзиното тело е дадено за обдукција, отворена е истрага.
Станарите во зградите спроти фабриката „Алумина“ не можат да се соземат од утринскиот шок.
„Страшно, не можам да верувам што се случи. Силен звук беше тоа, не знаев што се случува. Потоа, излегов надвор и што да видам“, раскажува станарка.
Соседите велат дека не ја познавале девојката. Не живеела во зградата, не била кираџика, не ја виделе предходно. Тврдат дека девојката дошла со велосипед и со ранец. Ги оставила пред зградата.
„Во зградата се влегува само со клуч, ама изгледа начекала некој да ја отвори влезната врата. Ама, како се качила на кровот? Меѓу 10. кат и балконот има ѕид висок повеќе од еден метар. Сигурно го прескокнала, а најверојатно и вратата од балконот не била заклучена. Бадијала зборуваме сега, ако решила да си го одземе животот ќе нашла друга зграда или друг начин“, расправаа станарите во кулата.
Неофицијално се дознава дека во ранецот имало лични документи за идентификација на девојката, која, според, адресата на живеење, живеела во Центар. Била студентка.
Нејзини блиски роднини ја опишуваат како многу мирна, воспитана и повлечена девојка. Не можат да претпостават што би можело да биде причина за ужасната одлука да замине во смрт.
|