20.10.2012, 20:42 Дијаспората преку фонд ќе инвестира во Македонија
Првите уплати веќе стигнаа - Мајк Зафировски, Џон Битов и други иселеници вложија по 500 илјади долари или повеќе во фондот кој ќе биде јадрото на соработката меѓу дијаспората и Македонија
Дијаспората ќе инвестира во Македонија, но не непосредно, туку преку посебен инвестициски фонд СЕАФ Македонија 1 кој во почетокот ќе изнесува 15 милиони долари. Првите уплати веќе стигнаа - Мајк Зафировски, Џон Битов и други иселеници вложија по 500 илјади долари или повеќе во фондот кој ќе биде јадрото на соработката меѓу дијаспората и Македонија. Менаџирањето на парите му е доверено на СЕАФ, фонд кој е добро познат во нашата земја и кој им помагаше на многу мали и средни фирми да ја зајакнат својата дејност.
„Во прво време ќе се поддржат од 10 до 14 компании, претежно од земјоделството, фармацијата, едукацијата и тренингот“, изјави Хубертус Јан ван дер Варт, извршен директор на СЕАФ, кој ќе го води фондот СЕАФ Македонија 1.
На прашањето на „Утрински весник“ дали овој фонд ќе биде отворен и за инвеститори од Македонија, Варт на прес-конференцијата во петокот вечерта одговори дека очекува свои удели да вложат институции, како што се, на пример, Пензискиот фонд и осигурителните компании, но и поединци доколку фондот ги оцени дека се квалификувани за такво нешто.
Инвестицискиот фонд е конкретниот и највидлив резултат на Глобалниот инвестициски самит што се одржа во Охрид во петокот и во саботата, а на кој македонски бизнисмени и нашинци кои успеале во странство разговараа како да ги зајакнат деловните врски и како дијаспората да ја препознае Македонија како примамлива дестинација за инвестирање во која можат да остварат профит. Според учесниците, собирот целосно ги оправда очекувањата и воспостави линк кој во иднина може да резултира со многубројни успешни бизнис-приказни.
Мајк Зафировски, претседател на Бордот на директори на „Македонија 2025“, која го организираше собирот, истакна дека тој, пред се', е менаџер кој знае да управува со компании, но не и инвеститор. „За тоа постојат специјализирани фондови што ја знаат таа работа“, истакна Зафировски, образложувајќи ја идејата за формирање посебен фонд за инвестирање во нашата земја.
Според него, самитот ги исполни поставените цели - како да се зголеми вклученоста на дијаспората, да се промовира Македонија како посакувана земја за странски инвестиции и да им се помогне на локалните компании да бидат конкурентни. Општа е констатацијата дека никогаш не било подобро време да се инвестира во Македонија, бидејќи земјата нуди квалификувана и евтина работна сила, ниски даноци, макроекономска стабилност...
Македонците од дијаспората секоја година испраќаат по околу 400 милиони долари годишно, но, сепак, голем дел од тие пари одат во лична потрошувачка, а не во инвестиции.
Според првиот човек на скопски „Алкалоид“, Живко Мукаетов, самитот потврди дека е добра можност за градење мостови меѓу бизнисите тука и нашата дијаспора.
„Постои синергија и координација меѓу сите сегменти на општеството за градење подобра македонска економија и мислам дека треба да стане традиција. Од сето ова може да очекуваме додадена вредност во разни сегменти“, истакна Мукаетов. (М.Ј.) |