18.10.2012, 09:07 „Кемет електроникс“ ја отвора фабриката во Бунарџик
Фабриката на американската компанија е четврта изградена во Бунарџик, а во неа првично ќе работат 200 лица
Во технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик денеска ќе биде отворена фабриката на американската компанија „Кемет електроникс“. Првичната инвестиција е планирана на 12 милиони евра со 200 вработувања, а доколку се успешни, таа ќе достигне до 25 милиони евра и 500 вработувања.
Фабриката е изградена на локација од 4,4 хектари земјиште, а објектот зафаќа површина од 10 илјади метри квадратни.
Ова е четврта фабрика во Бунарџик. Камен-темелнико�� за нејзина изградба беше поставен на 30 јуни минатата година. Тогаш извршниот директор на Кемет електроникс, Пер Луф истакна дека идејата за инвестирање во Македонија произлегла од рекламата „Инвестирајте во Македонија“ што ја видел на Си-Ен-Ен.
„Кемет електроникс“ е еден од најголемите светски добавувачи на производи што се користат во речиси сите електронски уреди. Компанијата е со седиште во Јужна Каролина. Производствени објекти има во Мексико, Кина, Италија, Ангалија, Финска, Шведска, Португалија, Индонезија, Германија, Бугарија, како и два истражувачко иновациски центри во САД и Германија. Произведува над 30 милијарди парчиња производи годишно, вклучувајќи и специјализирани уреди за индустрии од областа на авионската, автомобилската индустрија, комуникациски системи, компјутерска и воена опрема. Производството се мери во повеќе милијарди парчиња годишно и оваа година до март оствари продажба од над 1 милијарда американски долари. |