20.10.2012, 20:12 (ФОТО) Четири од четири за Металург
Македонскиот ракометен првак го декласираше рускиот вицепрвак Санкт Петербург (32:19) во Лигата на шампионите
Роберт Димитриевски
ФОТО: Петр Стојановски
Со победата над Санкт Петербург од 32:19, идентична на таа во меѓусебниот дуел минатата сезона во Скопје, ракометарите на Металург ја остварија целта со максимални осум бода да го дочекаат Киелце на 18 ноември во директниот дуел за првото место во групата А од Лигата на шампионите. На безмалку едномесечната пауза поради стартот на квалификациите за Европското првенство 2014 во Данска македонскиот првак заминува со максимален ефект по првите четири кола, со кој речиси го обезбедија пласманот во осминафиналето.
Рускиот вицепрвак беше рамноправен во почетните 20 минути, па домашниот тренер Лино Червар побара тајм-аут, ја смени одбраната од 6-0 во 5-1 и тоа почна да дава резултат. Дотогаш неговиот тим играше "меко" во дефанзива, а на спротивната страна блескаше голманот Виталиј Шицко, кој нанижа пет одбрани до 12. минута, кога беше 5:5. Неговиот колега Дарко Станиќ со бравурите на голот и ефикасниот ветеран Ренато Вугринец во нападот ги разбудија соиграчите, подзаспани од бавното темпо на игра што го наметнаа гостите, и полека се' си дојде на своето место.
До повлекувањето од теренот во средината на второто полувреме Станиќ имаше 15 одбрани, од кои барем половината "зицери". Вугринец, пак, мечот го заврши со 11 гола од 14 обиди.
Металург - Санкт Петербург 32:19
Полувреме: 15:11. Сала: "Борис Трајковски" во Скопје. Гледачи: 6.200. Судии: Добровиц и Тајок од Унгарија. Седмерци: Металург 2/2, Санкт Петербург 2/2. Исклучувања: Металург 4 мин., Санкт Петербург 8 мин. Загубени топки: Металург 10, Санкт Петербург 15.
Металург: Станиќ (15 одбрани), Митревски (2 одбрани), Ракчевиќ 1/3, Димовски 1/1, Вугринец 11/14, Георгиевски 1/2, Козлина 2/5, Манасков 4/5, Миркуловски 4/4, З. Мојсоски, Додер, Н. Мојсоски 5/9 (2/2), Стоилов 2/3, Батиновиќ 1/2, Јоновски, Алушовски 0/2. Тренер: Лино Червар.
Санкт Петербург: Шицко (9 одбрани), Кишу (2 одбрани), Насиров 3/6, Биков, Кузмин 2/2, Лаужин 0/1, Санашкин 3/6, Пишкин 0/2, Семенов 4/7 (2/2), Чезлов 2/5, Новоселов, Киселев 2/3, Полјаков 2/3, Черних 1/3, Григорјев 0/4. Тренер: Дмитриј Торгованов.
ЧЕРВАР ТРОГНАТ ОД ПУБЛИКАТА
Лино Червар: "Пресреќен сум. Четирите победи од четири натпревари се како сон. Со оваа победа сме блиску до нашата основна цел - пласманот во осминафиналето. Им честитам на сите мои играчи. Во првото полувреме малку го чувствувавме притисокот, од нас се очекуваше победа, па се однесувавме како фаворити, што најмногу се виде во одбраната, која не беше агресивна и доволно цврста. Но, во второто полувреме покажавме зошто сме екипа со четири победи и тоа предизвикува едно огромно задоволство. За тоа најмногу заслуги имаат играчите, но и сите во и околу клубот, а не е куртоазија ако од срце и' се заблагодарам на оваа прекрасна македонска публика. Олкава почит кон нас, толкави симпатии, љубов кон нашите играчи навистина ме трогнаа. Ме трогна тоа навивање - онака коректно и од срце, па ми е жал што не сум уште активен играч. Навистина е голема привилегија да се игра пред 7.000 прекрасни гледачи, видовте, се седеше и на скалилата. Мислам дека ова е нешто најголемо што го може ракометот, па сега имаме голема одговорност да ја оправдаме таа поддршка на следните натпревари".
Дејан Манасков: "Одигравме натпревар со лошо прво полувреме, во кое направивме многу грешки, посебно во одбраната. Но, во второто полувреме се консолидиравме, едноставно, го прегазивме противникот. Сакам да и' се заблагодарам на публиката, која не' бодри на секој натпревар. Нека продолжат да ни даваат ваква поддршка. Одлични се".
Дмитриј Киселев: "Имавте голема поддршка од публиката, што многу влијаше врз нас. Второто полувреме го одигравме лошо, избрзано ги завршувавме акциите и резултатот е таков каков што е".
|