22.10.2012, 11:55 Од условни казни до 3 години затвор за „Метастаза“
Судот кај сите обвинети најде вина и тие солидарно треба да ја надоместат штетата
Само 12 ефективни затворски казни изрече Судечкиот совет на скопскиот Кривичен суд за обвинети во случајот „Метастаза“. За другите 26 обвинети лекари и посредници во случајот со лажни дијагнози за стекнување право на инвалидски пензии судот изрече условни затворски казни.
Затворски казни во траење од две години и шест месеци, односно две години и пет месеци Судскиот совет, со кој претседаваше судија Ѓоко Ристов, им изрече на кардиологот Сашо Јосимовски и на психијатарот Љубица Величкова. За судот е неоспорно дека тие се јавуваат како организатори на групата која била создадена уште во 2008 година, а на која подоцна и' се приклучиле и други лица. Јосимоски е обвинет дека ја злоупотребил функцијата претседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидитет при Министерството за труд и социјална политика, а Величкова при раководењето на Комисијата за оцена на работната способност во прв степен при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
На затворски казни од две и пол години, односно три години судот ги осуди обвинетите Азем Сфорц и Љупчо Бутевски откако за нив нашол доволно докази дека тие се јавуваат како посредници во целиот случај. Судијата Ристов појасни во својата кратка елаборација дека овие двајца обвинети биле главни посредници меѓу потенцијалните корисници на инвалидска пензија и лекарите.
На ефективен затвор судот осуди уште петмина лекари кои се јавуваат како членови на комисиите кои решаваат за инвалидитет и за доделување инвалидски пензии, а за сите нив е изречена и забрана за вршење дејност во споменатите комисии во траење од по три години.
И за другите обвинети судот најде вина за делата за кои се товареа, но нивните затворски казни се условени доколку во наредните неколку години не сторат ново кривично дело. Судот наложи и солидарно враќање на 213.420 евра, но и на 3,9 милиони денари за колку што бил оштетен Фондот за пензиско осигурување.
При одмерување на казните, судот ги имал предвид и признанијата на некои од обвинетите во случајот „Метастаза“. Најмногу од изречените дијагнози се однесувале на психијатриски болести, бидејќи тие најтешко се докажувале, а за комплетирање на документацијата и стекнување право на пензија, според информациите, се наплатувале помеѓу 3.500 и 4.000 евра. (Љ.С.)
|