22.10.2012, 15:11 Тачи му испратил порака на Белград
Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека состанокот со српскиот колега Ивица Дачиќ бил тежок, но конструктивен, додавајќи дека очекува со оваа средба да биде испратена порака до Белград дека без адекватна политика кон Косово, Србија и понатаму ќе биде изолирана.
„Ова беше прв протоколарен, симболичен состанок. Не се разговараше за конкретни прашања, освен за неопходноста од спроведување на постигнатите договори“, истакна Тачи за „Слободна Европа“, тврдејќи дека средбата била целосно во согласност со Уставот и законите на Косово, но и со Резолуцијата на косовскиот Парламент за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Тачи додаде и дека Србија треба да води европска политика во односите со Косово, тврдејќи дека тоа е јасна порака од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон за Србија, како и од САД и НАТО.
Протести во Приштина поради средбата Дачиќ-Тачи
Активисти на Движењето за самоопределување започнаа насилни демонстрации во Приштина поради средбата на премиерите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ.
Активистите на Самоопределување ги гаѓаа полицајците со скапани домати и каменчиња, а полицијата одговори со солзавец.
Агенцијата Бета неофицијално дознава дека на двете страни има повредени, но бројката засега не може да се утврди. „Коха диторе“ јавува дека до судири дошло кога демонстрантите се обиделе да влезат во зградата на Собранието на Косово.
Протестот го предводат лидерот на Самоопределување, Аљбин Курти и пратениците на тоа движење во Собранието на Косово. Приштинските медиуми јавија дека полицијата ги привела, па ги ослободила Кури и пратениците Љибурна Алиу и Џелаља Свеќла. Силни полициски сили ги обезбедуваат зградите на владата и Собранието на Косово.
|