22.10.2012, 21:52 Груевски побара поддршка од Монти за датум за преговори
Од италијанска страна реафирмирана заложбата на Рим за членство на Македонија во евроатланските организации
Поддршка од Република Италија за определување датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија,што беше препорачано и од Европската комисија, а во пресрет на декемврискиот Европски совет, побарал премиерот Никола Груевски на денешната средба во Рим, со неговиот домаќин премиерот на Република Италија, Марио Монти. Од италијанска страна реафирмирана заложбата на Рим за членство на Македонија во евроатланските организации.
- Во пресрет на декемврискиот самит верувавме дека е добро да се направи контакт со италијанскиот премиер, а во врска со нашите билатералните односи, но уште повеќе со нашите аспирации да добиеме датум за почеток на преговори и тие да започнат. Во тој контекс денеска имав средба со Марио Монти премиер на Италија на која што ги разгледавме најпрвин билатералните односи кои што се одлични, изјави премиерот Груевски.
Тој на средбата потсетил и на пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, потсетувајќи на напорите на земјата за надминување на проблемот којшто го имаме со нашиот јужен сосед, и побарал да продолжи и понатаму поддршка од Италија особено на Декемврискиот самит образложувајќи ги македонските аргументи и позиции.
Како што соопшти владината прес служба, двајцата соговорници ги поздравија одличните односи помеѓу двете земји на секое ниво од билатералната соработка, и истакнаа подготвеност за продолжување со нивното надградување и интензивирање. Посебен акцент беше ставен на заложбите за динамизирање и продлабочување на економските односи, трговската размена и можностите за инвестиции.
Премиерот Груевски информираше за реформите кои се спроведуваат во нашата земја, и кои беа поздравени и високо оценети и од страна на Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Република Македонија.
- Претседателот на македонската Влада ја истакна посветеноста на Република Македонија за продолжување на реформите и надминување на отворените прашања кои влијаат на европскиот и евроатланскиот интегративен пат, стои во соопштението.
Премиерот Монти, пак, ја истакна поддршката која Република Италија ја дава на Република Македонија, афирмирајќи ја италијанската заложба и поддршката за членство на сите земји од Југоисточна Европа во ЕУ и НАТО.
Груевски и Монти разговараа и за состојбите во економијата на континентот, актуелната европска должничка криза и нејзините ефекти, и можностите и механизмите за нејзино надминување и обезбедување на услови за економски раст и развој, се вели во соопштението.
|