22.10.2012, 15:20 Меѓународна изведба на дела од Дарија Андовска
Неколку дела на македонската афирмирана композиторка Дарија Андовска, во изминатиов период доживеаја меѓународна изведба. На 5 октомври, на Интернационалниот фестивал МЕСС во Сараево, беше изведена претставата „Аквариум“ во режија на италијанскиот режисер Лука Кортина, за која музиката ја напиша токму Андовска.
На 15 октомври, пак, на Државниот конзерваториум во Тбилиси, Грузија, се изведе нејзиното дело „а/е/спера“, во интерпретација на Ернесто Молинари на бас-кларинет и ансамблот „Convergence“, а под диригентската палка на Томас Херцог. Инаку, оваа композиција ја доживеа својата претпремиера во јуни во Берн, а светската премиера во Цирих, во изведба на Валентина Штруцељ, односно Ернесто Молинари, под диригентската палка на Матијас Артер. На 17 октомври, истото дело се изведе во концертната сала „Билкент“ во Анкара, Турција. (Т.И.) |