15.10.2012, 11:51 „Адам од Говрлево“ во Цанкарјев дом
Во Љубљана во културниот центар Цанкарјев дом вечерва ќе биде отворена изложбата „Адам од Говрлево“
Во културниот и конгресен центар Цанкарјев дом во Љубљана вечерва во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Адам од Говрлево“ во организација на Музејот на град Скопје, Цанкарјев дом, Љубљана и Институтот за медитеранско наследство Приморска, Копар.
Изложбата е сконцентрирана на само еден предмет, на добро познатото керамичко машко торзо Адам, откриено на локалитетот Церје - Говрлево од страна на археологот Милош Билбија, датирано од периодот на доцниот неолит (5300-5000 години пред новата ера). Изложбата ќе ја отвори Митја Гуштин од Институтот за медитеранско наследство „Приморска“, додека комесар е Љубо Фиданоски, археолог, кустос за неолитски период во Музејот на град Скопје.
Реалистички изведената машка фигура во оваа прилика е најавена како несвојствена за неолитскиот период во Европа и како најавтентичен неолитски наод од македонското културно наследство што и се презентира на пошироката јавност во Словенија. (К.Р.) . |