22.10.2012, 12:32 Познатиот гитарист Пет Мартино вечерва на „Скопски џез-фестивал“
Во Универзална сала вечерва прво ќе настапи триото на гитаристот Пет Мартино, а по него и „Емброуз Акинмусири квинтет“
„Скопски џез-фестивал“ вечерва продолжува во Универзална сала. Во 20 часот ќе настапат две групи од САД, најпрвин триото на гитаристот Пет Мартино, а по него и „Емброуз Акинмусири квинтет“. Пет Мартино, кој потекнува од Филаделфија, се смета за еден од навозбудливите џез-гитаристи и досега соработувал со легендарни имиња. Зад себе има номинации за „Греми“ и многубројни значајни награди. Во Скопје ќе го промовира новиот албум „Alone together with Bobby Rose“.
Младиот калифорниски трубач Емброуз Акинмусири, пак, лани беше прогласен за трубач на годината од страна на Асоцијацијата на џез-новинари. Овој музичар му ја должи својата кариера на Стив Колман, кој го забележал неговиот талент и го ангажирал во својот бенд „Фајв елементс“.
На полноќ во Сити хол центар ќе настапи американско-шведско-норвешката формација „The Thing“ формирана во 2000 година. Нивната музика претставува спој од неколку музички стила во моќна и енергична констелација. Во бендот членува познатиот авангарден џез-трубач Џо Мекфи. |