22.10.2012, 14:22 (ФОТО) Џезот продолжува да пулсира
Триото на швајцарскиот пијанист Малколм Браф и Скандинавците „Атомик“ воодушевија на третата фестивалска вечер
ФОТО: Киро Попов
Тина Иванова
„Скопски џез-фестивал“ може да се пофали со богата традиција на одлични пијанистички имиња кои концертирале на неговата сцена, некои од нив легенди, но некои од нив, без претензии, токму од Скопје се вивнале на светските џез-сцени. Третата вечер од годинашното џез-патување ни донесе уште еден исклучителен пијанист, овој пат од средната генерација на џез-музичари, кој очигледно умешно го оди патот на своите претходници.
Швај��арецот Малколм Браф, роден во Рио де Жанеиро, а пораснат на Капо Верде и Сенегал, во својата музика ги носи искуствата на традициите со кои се среќавал. Завчеравечер во Македонската опера и балет пред скопјани го промовираше најновото остварување, албумот „Инсајд“ издаден лани за „Енја“, заедно со своето трио, во кое се и Реџи Вашингтон на бас и Лукас Кениг на тапани.
Мошне интересен состав во кој, се разбира, централна фигура е брадестиот Браф со имиџ на гуру. Неговата нескротлива енергија, но и лавината од емоции што и' ги дава на својата музика, не може да ги остави рамнодушни слушателите. Тој е сплотен со своето пијано, кое на моменти е и препарирано, на моменти, пак, звучеше и како оргули, што на музиката и' даваше една специфична, електрична нота. Но, електрични и пулсирачки беа и ритмите кои имаа еднаква улога со мелодиите, како и воопшто, симбиозата меѓу тројцата одлични музичари.
Публиката реагираше емотивно, особено на романтичните теми во кои пијаното на Браф звучеше како гудачки оркестар. Иако тапанарот Кениг дејствуваше претенциозно, во смисла „покажи колку знаеш и умееш“, но неговата улога мораше да се носи со моќта на Браф. Очекувано, публиката ги испрати тројцата музичари со овации, а бисот беше неизбежен.
Во последниве години, пак, звуците на скандинавската џез-сцена и воопшто на современата музика се присутни на џез-фестивалот. Како едни од најиновативните, воопшто во уметноста, а посебно во музиката, артистите и групите од Норвешка постојано не' инспирираат и нас со нивниот несекојдневен пристап кон музиката.
Втората група на третата вечер беше норвешко-шведската формација „Атомик“, која на изненадување на редовните посетители на СЏФ воопшто не звучеше како скандинавски бенд. Петтемина од „Атомик“ свират авангарден џез под влијание на американската сцена и во нивната музика не се чувствува инспирација од поднебјето од каде што доаѓаат. Но, без разлика, „Атомик“, од кои посебен впечаток остави тапанарот Паал Нилсен Лов, изненадија со нешто друго - со вештината на музицирање, особено интересна во нивната уиграност на „бркање на темите“. Всушност, изгледаа како постојано да си играат, особено со џез-стандардите, и ја оправдаа онаа дефиниција која самите си ја наметнаа за музиката што ја создаваат - „дел академска лекција, дел журка во град“.
|