22.10.2012, 15:37 Внимавајте наместо мед да не купите пченкарен сируп
Гликозен или пченкарен сируп, а не мед се продава на патните правци Кичево – Охрид и Росоман – Прилеп. Од Агенцијата за храна и ветеринарство денеска соопштија дека вакви малверзации со квалитетот на медот се утврдени и кај дел од продавачите на зелените пазари низ Македонија.
Од Агенцијата истакнаа дека сомнителните количини се запленети и уништени, физичките лица се казнети со 500 евра, но најавија зголемување на казните. Според директорот на Агенцијата Деан Рунтевски, медот во малопродажбата ги исполнува пропишаните услови за квалитет. Тој најави засилени контроли и евентуално изготвување правилник за продажба на медот по пазарите.
Секоја количина наменета за продажба ќе мора да има декларација со јасно наведено потекло, производител и содржина. Според пописот спроведен годинава, во Македонија има вкупно 3.500 одгледувалишта за пчели и 155.000 пчелни семејства. Вкупната продукција на мед годишно изнесува околу 2.000 тони. Од нив 60 отсто се продаваат преку официјални канали, односно преку седумте регистрирани откупни капацитети, додека останатите 40 проценти преку пазарите.
Македонија увезува мед од Кина или Србија, но занемарливи количини, а извозот во просек достигнува 140 тони, количини кои главно се пласираат во регионот, БиХ, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија. (Ек.Р.) |