22.10.2012, 09:27 Тројца убиени при напад во спа центар во САД
Три лица се убиени, четири други се ранети доцна синоќа во американскиот град Милвоки, кога вооружен маж упадна во спа центар во кој работела неговата сопруга и отвори оган врз присутните.
Како што соопшти шефот на локалната полиција Даниел Таскхаус, неколку часа по инцидентот, напаѓачот, идентификуван како Редклиф Хатон е пронајден мртов. Според Таскхаус, 45-годишниот Хатон извршил самоубиство.
Таскхаус информира дека Хатон на полицијата и бил познат по неколку инциденти на домашно насилство, при што во последниот пред две недели бил приведен откако и ги издупчил гумите на автомобилот на неговата сопруга.
По проверката на спа центарот, според Таскхаус, полицијата пронашла рачно изработена експлозивна направа, која содржела шише со пропан-бутан
Градоначалникот на Милвоки Стив Понто, нападот го окавлификува како „бесмислен чин на еден човек“.
Инцидентот се случил во спа центарот „Азана“, сместен во голем трговски центар на периферијата на Милвоки во американската сојузна држава Висконсин.
Ова е втор сличен напад во Висконсин оваа година, по инцидентот од 5 август, кога воен ветеран уби шест лица во еден храм на сиките јужно од Милвоки, по што изврши самоубиство. |